Настани 59c392f1-1230-4c55-9757-5422fe2601ff

29 јули, 2014

Еуфорично издание на најпозитивниот Д ФЕСТИВАЛ!‏

Д ФЕСТИВАЛ со своето четврто издание и најпозитивната фестивалска атмосфера го одбележа последниот јулски викенд од оваа година. Околу пет часот по полноќ со сетовите на најдобрите диџеи на Антена 5 Радио, утрото на 27 јули заврши Д ФЕСТИВАЛ 2014! Со овој настан се заокружи и повеќемесечната музичка ЕГЗИТ авантура која се одвиваше во рамките на проектот Western Balkan Discovery And Adventure Tour кој пак преку фестивалските бини и музичките настани ова лето ги поврзуваше илјадниците млади од пет земји од поранешна Југославија (Македонија, Србија, Црна Гора, Хрватска и Словенија), но и гостите од другите земји во регионот и Европа. Финалето на ова авантуристичко другарување беше токму во Дојран, каде што годинава повеќе од 3000 посетители беа дел одосумчасовното фестивалско лудило и заедно со артистите кои приредија исклучителен концертен перформанс, допринесоа за уште една незаборавна и максимално позитивна ноќ на автентичното дојранско крајбрежје.

Д ФЕСТИВАЛ 2014 ќе остане запаметен по одличните концертни настапи на сите артисти од годинашната програма, кои беа забележани и од страна на публиката како едни од нивните најдобри настапи до сега. За еуфоријата на Д Фестивал 2014, покрај неверојатно позитивната публика, најголемите виновници беа токму мајсторите за концертна забава кои ги претстави фестивалската бина.

Чест да го отвори фестивалот имаше младиот македонски хип хоп колектив „Дивизија“ кој со својот енергичен настап веднаш ја загреа публиката која прва пристигна на паркингот Гранит во Дојран, за потоа на сцената да се претстават уникатните „Стринг Форсис“ со исклучителниот концерт кој го приредија на Д Фестивал. По нов, рок хероите „АРЕА“ целосно се предадоа на овој концерт и покажаа зошто токму тие се името кое опстојува со децении на врвот на македонската рок сцена со своја огромна фан база која и по толку години не престанува да расте. По овој концерт на кој песните се пееја во еден глас со публиката, најпозитивната фестивалска бина ја затресе жестокиот бунтовен звук на најдобриот македонски нов бенд, инди револуционерите „Бернајс Пропаганда“. Вечерта беше крунисана со ѕвездите на фестивалот, Греми наградуваните британски хип хоп и денс легенди „Стерео Емсис“ чиј диџеј сет кој траеше речиси 3 часа ја вжешти и онака разиграната магична атмосфера на фестивалот, на која не одолеа ниту самиот Роб Бирч кој одлично расположен постојано беше во директна комуникација и се забавуваше со неуморната публика во првите редови пред бината.

Д Фестивал 2014 на најдобар начин по четврти пат ја оправда својата иницијатива да ја задоволи потребата за уникатен open-air музички хепенинг.

Им благодариме на сите посетители кои придонесоа за екстремно позитивното фестивалско искуство и Ве очекуваме догодина на уште подобар, поеуфоричен, а веќе сигурно знаеме и најпозитивен  Д Фестивал 2015 кој подготвува нови изненадувања и музички артисти со кои заедно ќе го одбележиме и прославиме петтото издание на фестивалот!

Се гледаме следната година!

Фотогалерија од Д Фестивал 2014 на овој линк.



Врати се горе ↑