Македонија 530553_446451418746828_1345992486_n

10 декември, 2012

Еуфорично финале на ТАКСИРАТ 14

ТАКСИРАТ фестивал, кој годинава за своето големо финале дојде со програма исполнета само со релевантни имиња на актуелната музичка сцена, официјално го затвори своето четиринаесeтто издание со фантастичниот концерт и еден од најдобрите настапи досега на виртуозот на балканската електро–сцена Кирил Џајковски.
Кирил Џајковски
Во саботата во „Метрополис Арена“ повеќе од 6.000 „таксиратџии“ беа исправени пред предизвикот да бидат дел од деветчасовното непрестано  фестивалско лудило. Таксират 14 стартуваше во 19:00 часот со одличниот концерт на влијателната реге ѕвезда ТАЊА СТИВЕНС, која со првото појавување на сцената ја загреа атмосферата и на самиот старт ја разигра тукушто пристигнатата публика. Нејзиниот настап ни даде до знаење дека пред нас е исклучително врела ноќ посветена на фестивалската забава.
Skindred
Момците од уникатниот рага-метал бенд СКИНДРЕД ја презедоа сцената за нивниот адреналински концерт и моќен перформанс со кој одржаа добра лекција за тоа како се вложува сета енергија на концерт и во најдобро светло покажаа зошто токму тие се „Најдобриот бенд во живо за 2011“. По настапот, на Таксират лудувањето во публиката му се приклучи и Бенџи, фронтменот на групата, кој имаше прилика да ужива во концертот на ЧИСТА ОКОЛИНА, супкултурниот хип-хоп феномен кој се појави на сцената после цели 11 години пауза.  Со самото објавување, нивниот настап беше еден од најочекуваните на Таксират, па вчера конечно сето исчекување се преточи во експлозивно хип хоп доживување.
Ворлдмјузик-панк бунтовниците ЧЕ СУДАКА, ја имаа честа да ја завршат својата годинашна турнеја токму на Таксират, а тоа беше причина повеќе тие да го вложат својот максимум за еуфоричен Таксират и сето тоа да резултира со забава која се граничеше со општо лудило во „Метрополис Арена“. Че Судака се дефинитвно бенд на кој не можете да му одолеете, без разлика дали веќе ви е познат нивниот стил или сте на прва концертна средба со нив. Таксират 14, по нив, продолжи со регионалните рок  херои ВАН ГОГ кои ја покажаа својата поинаква концертна моќ кога се големите фестивалски сцени во прашање. Тие беа френетично пречекани од публиката, која за време на концертот постојано го следеше бендот со едногласно пеење.
Che Sudaka
По нивниот настап, сцената беше препуштена на фантастичниот ПАРОВ СТЕЛАР придружуван од својот бенд, кои имаа одличен и спектакуларен настап и кои ја доведоа до точка на вриење атмосферата во разиграната публика. Таткото на електро свинг звукот и неговиот тим од музички магионичари, со својата музичка елегантност и софистицирана и кокетна игра помеѓу џез, свинг, електро и берјк бит звукот, во најдобро светло го оправдаа својот култен статус на современата музичка сцена. Разиграноста и еуфоријата што ги наметна Паров Стелар со својот настап, сѐ чинеше дека не можат да бидат надминати. Но, Таксират за своето финале го имаше еден од најдобрите електро-артисти  КИРИЛ ЏАЈКОВСКИ, а она што Џајковски го приреди на сцената, поместувајќи ги границите на катарзичното концертно искуство, тешко е да се долови и опише со конкретноста на зборовите. „Метрополис арена“ остана преполна речиси до 5 часот изутрината, со спектакуларниот концерт кој го приредија неприкосновениот Кирил зад својот пулт и извонредните ТК Вондер и МЦ Васп кои ја воодушевија публиката. Нетипично за фестивалските настапи, но по саботниот концерт на Џајковски неизбежно беше враќањето на бис со што грандиозниот перформанс беше еуфорично затворен со изведбата на „Jungle Shadow“ и „Lion’s Den“.
Parov Stelar
Со ова официјално заврши четиринаесеттото издание на фестивалот, кое во рамките на својата комплетна програма годинава пречека над 20.000 посетители на уште едно неазборавно дружење. Ви благодариме на сите кои бевте дел од Таксират и ја вложивте својата позитивна енергија во ова издание. Ви закажуваме средба следната година, кога Таксират фестивал ќе го прослави и својот петнаесетгодишен јубилеј, со посебно и славеничко издание на фестивалот.
Скопје повторно превртено!

Се гледаме на Таксират 15!


Врати се горе ↑