12 декември, 2015

„Етнотрип“ со видео запис за „Што имала к’смет Стамена“

По првиот официјален сингл „Јовано, Јованке“ и „Македонско девојче“, уште еден доказ дека членовите на словенечката група „Етнотрип“ се навистина вљубени во нашата традиционална музика е одличната преработка на темата „Што имала к’смет Стамена“, чиј видео запис беше промовиран вчера. Песната воедно е и втор сингл што го најавува нивниот втор студиски албум „Kdo bo pil iz bistrega studenca?“, кој ќе излезе во јануари следната година.

Само за потсетување, Етнотрип ја сочинуваат Тјаша Шимонка (вокал), Миха Каваш (виолина), Александар Варга (бас) и Примож Крамбергер (пијано), а како гости за нивните настапи се појавуваат Боштјан Баша (хармоника), Кристијан Мајцен (гитара), Урбан Колар (труба) и Марко Маркович – Маки (перкусии). Токму љубовта кон народната музика ги собра овие музичари на едно место, а покрај нивната домашна музика, изведуваат и народни песни од Унгарија, Хрватска, Англија, Србија, Македонија, Русија, како и теми чиј автор не е познат. Групата започна со работа во мај 2009 година, а по бројните настапи на домашни и странски концерти, во февруари годинава го издадоа својот деби албум насловен „Етнотрип“, на кој се најдоа бројни преработки на традиционални песни од различни европски земји.

Групата можете да ја следите на нивната официјална веб страна, како и на фан страницата на ФејсбукЗа крај слушнете ја и преработката на словенечката традиционална песна „Сночкар“. Уживајте!

И.Ј.

 



Врати се горе ↑