1 ноември, 2016

„Етносфера“ го претстави својот „Копнеж“

Еден од главните виновници за прекрасните песни на „Македонско девојче 2“ од Каролина, Никола Мицевски, започнува ново музичко патување наречено „Етносфера“.

„’Етносфера’ е музичка приказна составена од мои долгогодишни музички соработници и професионалци, Зоран – Озо, Влатко, Зоче, Павле, Тони, Зоки Конга... мојот животен-музички сопатник, музички гениј, кларинетист Благојче Трајковски и јас! Ова ќе биде едно патување низ сферата на, пред сè, нашата традиција, балканска традиција, изразена авторски низ призмата на современите музички светски правци, едноставно, патување низ етносферата“, вели Мицевски, додавајќи дека оваа приказна ќе биде паралелна и заедничка со веќе добро познатата приказна група „Фонтана“.

Првата страница од оваа нова музичка приказна го носи насловот „Копнеж“, чиј автор на музиката и аранжманот е самиот Мицевски, а продукцијата ја потпишува заедно со Дејан Момировски, во чие студио се снимаше песната. Екранизацијата, пак, е дело на екипата на „Горила филмс“, под режисерската палка на Горан Костадинов. Како изгледа и звучи сето тоа можете да погледнете горе. Уживајте!



Врати се горе ↑