Македонија esma1

14 септември, 2013

Eсма Реџепова го прими признанието за титулата национален уметник

Кралицата на ромската песна Есма Реџепова-Теодосиевска вчера го прими признанието за титулата национален уметник на Република Македонија, која ѝ ја врачи претседателот Ѓорге Иванов. Тоа е највисоко признание во културата што им се доделува на личности што придонеле за афирмација на Македонија во светот. Претседателот Иванов пред три години ја одликуваше Есма и со Орден за заслуги на Македонија.

Музиката на Есма е музика на Македонија, на нашето многуетничко, многујазично и многурелигиско општество. Тоа е музика што поврзува наместо да одвојува… Есма ги надминува границите на семејството. Ангажирајќи се за подобрување на економската и социјалната состојба на Ромите, таа стана симбол на целата ромска заедница како нераскинлив дел на македонското општество“ – рече Иванов.

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска истакна дека Есма Реџепова со своите многубројни изведби и креации, со талентот и умешноста создала вредности што се наш печат за идентификација со светот.

Таа е веќе лесно препознатлив македонски бренд. Не постои континент и нема земја што Есма ја нема освоено со својата песна, со својот раскошен глас, со својот темперамент. Голема и неповторлива, кралицата на ромската песна живее со репутацијата на светски уметник со импозантна кариера“ – рече министерката за култура.

Реџепова нагласи дека признанијата треба да доаѓаат за време на животот и им ги посака и на своите колеги и пријатели што присуствуваа на свеченоста.



Врати се горе ↑