Македонија esma-lozano-evrosong

12 март, 2013

Есма на Евросонг ќе пее на ромски јазик

По бројните негативни реакции на јавноста за песната „Империја“, истата беше повлечена од Евровизија, а МРТВ го користи правото за измена на песната до 18-ти март, кога крајниот производ треба да биде предаден на ЕБУ. Неодамна беше објавено дека авторскиот тим кој ќе застане позади новата песна која ќе ја пратиме на Евровизија е составен од Дарко Димитров и Лазар Цветкоски.

Како што пишува Утрински весник, песната ќе биде готова до среда. Песната, музиката е таа што нè сплотува сите – е генерално пораката на новата евровизиска песна. Овој пат Есма ќе пее на ромски јазик, а нејзиниот дел кој го направи нејзиниот син и коавтор на „Империја“Симеон Атанасов, е веќе готов. Вокалот на Есма е снимен, останува да се доработи песната и делот на Лозано, а најдоцна до вечерва песната ќе биде комплетно завршена и подготвена за Малме, каде што на 18-ти март ќе се одржи состанок на шефовите на делегациите и ќе се однесе конечната верзија на нашата евровизиска песна.

„Првпат оваа година решивме да не одлучуваме ние самите, туку да одлучи народот, пошироката јавност. За жал, по презентирањето на песната немаше многу поделени мислења, повеќе беа негативни отколку позитивни и затоа решивме да смениме нешто, да направиме нешто што ќе му се допадне на народот. Во сите тие коментари по социјалните мрежи имаше и некакви сугестии од кои извадовме некакви ’поуки’ како народот во Македонија ја доживува евровизиската песна“ – вели Љупчо Мирковски, шеф на македонската евровизиска делегација.

По реакциите во јавноста и одлуката за повлекување на „Империја“ бил повикан тим на автори со евровизиско искуство, кои ги задоволувале нормите кои ги барала јавноста. Изборот паднал на Дарко Димитров, Лазар Цветкоски и секако, Симеон Атанасов, за делот на Есма, зашто тој најдобро знае што и како може да отпее Есма, која овој пат ќе пее на ромски јазик.

„Делот на Есма е комплетно изменет, нов, повторно е мој и музика и текст, а аранжмански ќе го склопи Дарко Димитров. Оваа песна нема никаква врска со претходната. Комплетно е нова. Сега одиме повеќе на џипси-стил, нема толку етно мотиви како што имаше во ’Империја’“ –  изјави Атанасов за Утрински весник.

Новата евровизиска песна во моментов е во фаза на финиш, а се брза и за да се испочитуваат роковите од ЕБУ, според кои Македонија треба да ја достави финалната верзија до 18-ти март. Песната ќе биде готова до среда, кога најверојатно ќе може да ја слушне и јавноста, а ќе се разреши и дилемата дали текстот ќе го пишува Магдалена Цветкоска – Ена, Елена Ристеска или некој друг текстописец. Не е исклучена и заедничка соработка, со исклучок на делот за Есма, кој веќе го напиша Симеон Атанасов.

„Мислам дека имаме одличен хит. И Влатко ќе ги покаже своите вокални способности, но и Есма ќе ја покаже целата величина. Со нејзиното пеење сосема ќе биде оправдан нејзиниот избор за претставник на ’Евровизија’“ – додава Мирковски.

И новата песна ќе добие видео запис, но кој и како ќе го снима ќе се реши по состанокот во Малме.

Извор: Утрински весник



Врати се горе ↑