Македонија Lozano_7

28 декември, 2012

Есма и Лозано ќе нè претставуваат на Евросонг 2013

Македонската Радио Телевизија како полноправна членка на Европската Радиодифузна Унија, донесе одлука со која се дефинира  учеството на Македонија  на претстојното 58-то издание на најголемиот меѓународен музички фестивал во Европа – ИЗБОР ЗА ПЕСНА НА ЕВРОВИЗИЈА  кој ќе се одржи од 14-18 мај 2013, во Малме, Шведска.

Според сопствените ингеренции кои што ни ги дава ЕБУ за избор, односно определување на национален претставник на овој музички натпревар, МРТ одлучи оваа година, како претставници на Македонија, честа да им припадне на две реномирани имиња од македонската музичка сцена – Кралицата на ромската песна во светски рамки Есма Реџепова Теодосиевска и нашата поп ѕвезда Влатко Лозановски – Лозано. Со овој необичен спој на искуство и младост, МРТ верува дека ќе ја постигне единствената посакувана  цел – достојно претставување на Македонија пред европската и светска  културна јавност .

Есма зад себе има богата повеќедецениска уметничка биографија, позната и призната  низ целиот свет. Нејзиниот уникатно виртуозен   вокал стана синоним за чисто, јасно и  прецизно пеење, а како потврда на тоа се бројните солистички носачи на звук и концерти пред повеќе стoтици илјадна публика. Нејзиниот божествен глас  е употребен  и за повеќе наменски – мултимедијални цели и проекти.   Есма е најмаркантното музичко име на македонската, балканската и светската музичка сцена. Жена која животот го посвети на хуманоста, човекољубието и добрината, а за тоа е номинирана и за Нобелова награда за мир.

Лозано е присутен на македонската музичка сцена нецели 5 години. Но, за тоа кратко време, со својот раскошен глас, како и неверојатен музички талент, успеа да го сврти вниманието на целокупната македонска музичка  јавноста кон себе. Миленик е пред сè на помладата генерација слушатели, не само во Македонија и на Балканот. Со својот ангелски глас,  го освои и просторот на големата  поранешна Руска држава. Критиката му предвидува блескава кариера и мошне брзо стекнување на титула на препознатлив макдонски бренд во светот .

Македонската Радио Телевизија смета дека овој тандем, во комбинација со совршената композиција која треба да ја добиеме по пат на нарачка од неколкумина етаблирани македонски композитори, како и интерениот избор на една од нив, ќе се добие комплетен производ кој веруваме дека ќе вроди со плод.

Официјалното претставување на композицијата со која Македонија ќе се натпреварува во Малме, ќе биде кон крајот на февруари 2013 во стуиото 3 на Македонската телевизија.Во продолжение погледнете го прилогот од МРТ за оваа нивна одлука, како и изјавите на Есма и Лозано.



Врати се горе ↑