Промоции EP10

20 декември, 2013

Ептен ќе промовираат нов видео запис

2013-та беше значајна година за групата ЕП10 (Ептен), година во која го промовираа нивниот деби албум  „Доста е“ и истоимениот прв сингл, година во која песната „Ти ми зеде сè“ доживеа одличен пласман на повеќе телевизиски и радио емисии, година на многу нивни настапи, учества на фестивали и дружења со популарни музички имиња од балканската музичка сцена!

За да биде уште поуспешна, ја заокружуваат со објавување на нов видео запис, овојпат за песната „Мила“! Спотот е во продукција на Мелем Продукција, режија и монтажа на Огнен Шапковски, камера- Кристијан Теодоров, а снимен е на неколку локации во Куманово и Скопје.

Промоцијата ќе биде во ноќниот клуб ТУНЕЛ- Куманово, на 25-ти декември со почеток во 21.00 часот!  Премиерата ќе биде дополнета со целовечерен концерт на групата ЕП10 во придружба на многу музички гости! Специјален гостин ќе биде и Бени Шаќири (Нон-Стоп), а за оние кои нема да успеат да дојдат, снимка од настанот како и телевизиската премиера на спотот ќе може да ја проследат на емисијата БЕКСТЕЈЏ на МТВ1! Видеото ќе се емитува и на MTV Adria!

ЕПТЕН (вообичаено се потпишуваат со кратенката EП10) е млад рок состав од Куманово. Нивниот прв настап во живо во 2010 година во култниот загребски клуб Сакс беше забележан од страна на Рејхан Окановиќ, хрватски композитор, продуцент и гитарист. Подоцна тој го продуцира нивниот деби албум „ДОСТА Е“ (објавен јуни 2013), снимен во студиото Пропаганда во Загреб. Поголемиот дел од песните на албумот се напишани од страна на членовите на бендот, а останатите се на Кирчо Арсовски (ТБ Трачери), Дарко Даутовиќ (хрвастки радио водител, композитор и гитарист) и Рејхан Окановиќ. Во песната „Ти ми зеде сè” гостин изведувач е Бени од Нон Стоп, а песната „Мила“ е дел од саундтракот на црногорскиот кандидат за Oскар, филмот „Ас Пик- Лоша судбина“.



Врати се горе ↑