3 септември, 2015

Енш сними видео запис за песната „Лутам“

Веднаш по објавувањето на албумот „Both Of Them Milenko“, Миленко Вујошевиќ, попознат како Енш, објави видео запис за третиот сингл од ова необично издание. Песната „Лутам“ ја екранизираше во соработка со Сташа Томиќ, режисер кој го привлече вниманието на јавноста со видео записите за песната „Биќу бољи“ од групата „Репетитор“ и ултимативниот хит „Ако станемо ту“ на составот „Артан Лили“.

Песната „Лутам“ ја одразува благата изгубеност на поединецот во современиот свет од една, но и хипнотичната безгрижност од друга страна. Нејзината мелодија опива и хипнотизира, токму како и разиграниот видео запис кој го осмисли Сташа Томиќ.

„Интересно е тоа што во песната ’Лутам’ мојот вокал е всушност необработена демо снимка. Не верував дека некогаш ќе доживеам емоциите да ги забележам на тест снимка, на микрофон од лаптоп, така што никаква постпродукција не може да ја задржи посебноста на тој момент“, ја објаснува Енш специфичната атмосфера што ја носи песната „Лутам“, по која и се разликува од останатите песни од албумот, а како изгледа сето тоа можете да погледнете горе.

Енш деновиве тргнува на турнеја која започнува во Ирска, каде што на распродадениот фестивал „Електрик пикник“ ќе настапува дури три дена со ред – 4, 5 и 6 септември, а потоа ќе прошета и низ регионот.

 Фотографија: Наташа Цветковиќ



Врати се горе ↑