10 мај, 2017

Енш најавува регионална турнеја со „Кртице“

Освежување на регионалната алтернативна сцена донесе со песната „Ќути“, воодушеви и со преработката на култната „Крокодили долазе“ од „Електрични оргазам“, на која ѝ даде нов живот, а сега ни носи и „Кртице“. Миленко Вујошевиќ, познат како Енш, после повеќемесечен претстој во Канада и настапи на многу фестивали, од кои посебно се издвојуваат „Канадска музичка недела“ (Canadian Music Week) во Торонто и „Електричен пикник“ (Еlectric Picnic) во Ирска, се враќа со ново видео и нова регионална турнеја.

Во „Кртице“ Енш го опишува времето во кое живееме.  

Кратко је време
А нема проба
Купио терен
А цена слобода
Али и даље кртица копа
И још чека цену свега

„Кртовите“ веќе предизвикаа разни полемики, пред сè заради провокативниот спот. Енш од самиот почеток важеше за бескомпромисен уметник, па така и со новиот видео-арт што е пред нас. Редефинирајќи ги поставките на жанрот, Енш успешно креира автентична и единствена визија на електро-поп, со силна бас подлога, изразен синт звук и доминантен глас. И настап! Енш е атракција која е неопходно не само звучно, туку и визуелно да се доживее, како преку острите и експериментални спотови, така и преку перформансите во живо набиени со енергија.

73a0ab9b-b180-49e4-8ffd-3df909d731f1Фотографија: Јаков Симовиќ

Публиката во регионот ќе има можност да го види во наредните денови во Загреб, Сплит, Белград, Нови Сад, Крагуевац, Бања Лука, Сараево и во Мостар, а се надеваме дека дополнително ќе бидат додадени датуми за Македонија. На турнејата ќе го придружува младиот и сè попопуларен уменик Серџио Лаунџ (Sergio Lounge), белградски тастатурист, кој пред да го пронајде својот инструмент во компјутерската тастатура, се испробал во разни состави свирејќи гитара, бас гитара, флејта и контрабас. Жанрот што го прифати на крајот најдобро му прилега на неговото име – лаунџ музика, со примеси на итало-диско, шлагери и експериментална музика.

Енш можете да го следите на:
enshmusic.com ​
facebook.com/enshmusic
twitter.com/enshmusic
youtube.com/EnshOfficial
ensh.bandcamp.com
soundcloud.com/ensh
tumblr.com/blog/milenkospeaks



Врати се горе ↑