Аудио Ensh_foto

24 декември, 2015

Енш им даде нов живот на „Крокодилите“ на „Електрични оргазам“

По враќањето од Канада, Миленко Вујошевиќ, попознат под псевдонимот Енш, ја сними песната „Ќути“, која стана хит ширум целиот регион. Потоа следеше и албумот „Both of Them Milenko“, на кој се подеднакво застапени песни на српски и на англиски јазик. Со сето тоа Енш ја одбележа 2015 година, но не ја заокружи!

Покрај двете мошне успешни балкански турнеи и деби изданието, Енш одлучи да им ги разубави празниците на своите сè побројни почитувачи со тоа што ќе им подари бонус песна, а воедно да ја искаже и својата почит за „Електрични огазам“, бендот што одбележува 35 години постоење.

Станува збор за преработка на култната песна „Крокодили долазе“, која започнува сосема нов живот во изведба на Енш.

„Кога се вратив во Белград пред нешто повеќе од две години, не ја познавав музиката од овие простори. Меѓу првите нешта што ми ги препорачаа беше ’Пакет аранжман’. Тоа беше доволно да се заљубам во целото тоа движење. До идејата воопшто да го претставам своето видување на една домашна песна дојдов заедно со Урош Миловановиќ, па одлучив тоа да биде ’Крокодили долазе’, како прва песна која ми влезе во уво од изданието што ме натера да ја истражувам овдешната сцена. Сакав да покажам и дека песните на домашните автори, кои се стари и по неколку децении, се мошне инспиративни за нас, младата генерација музичари. А сакав и на свој начин да им го честитам 35. роденден на ’Електрични оргазам’“, изјави Вујошевиќ по повод објавувањето на новата песна.

Доаѓа Нова година, а со неа и крокодилите, благодарение токму на Енш! Култниот хит на „Електрични оргазам“, „Крокодили долазе“ отвора сосема нови и поинакви видици во изведбата на овој перспективен уметник, кој планира да продолжи да ја освојува публиката во регионот, но и во Европа. Неговата верзија на „Крокодили долазе“ е достапна за бесплатно симнување на неговата официјална страна на Бендкемп, а наскоро нè очекува и екранизација на овој сингл.



Врати се горе ↑