11 февруари, 2015

Енш го претстави видео записот за „Ќути“

Непосредно пред турнејата, која започнува во четврток (12 февруари) и во чии рамки е предвиден и настап во Скопје, Енш објави и нов видео запис. Станува збор за екранизација на синглот „Ќути“, со кој го најавува ЕП изданието „Both Of Them Milenko“ и кој во изминативе месеци срамежливо се вовлече во програмата на радио станиците и за кусо време зарази голем број љубители на електро-инди звукот.

Покрај специфичниот стил и уште поавтентичниот настап во живо, Миленко Вујошевиќ, попознат како Енш, со новиот видео запис докажува дека е единствен во секој сегмент од своето уметничко делување: „Снимањето на видео записот за синглот ’Ќути’ беше магично и неповторливо искуство. И јас и целиот тим предводен од режисерката Ли Филиповски, бевме преплавени од позитивна енергија и знаевме дека создаваме нешто неверојатно! Аероклубот, во кој го снимавме видеото за новиот сингл, со креативна тимска работа успеавме да го трансформираме во неверојатно место – надреален магичен свет во кој уживавме, а верувам дека секој кој ќе го прегледа видео записот, барем на кратко ќе стане дел од него“, изјави Енш по повод објавувањето на визуализацијата за оваа прва песна снимена на мајчин јазик.

Енш заедно со белгиската електро атракција „Солдаут“ на 12 февруари ќе замине на промотивна турнеја во чии рамки во живо ќе се претстави пред публиката во „овој дел од светот“. Неговиот настап во Скопје е закажан за 21 февруари во МКЦ.



Врати се горе ↑