17 јануари, 2018

Енрике Иглесијас ја започна годината со нов латино-хит

Се чини дека латино-инвазијата од 2017 година продолжува и годинава, а првиот потенцијален хит го има Енрике Иглесијас. Популарниот пејач, кој во последниве години речиси и да нема песна на англиски јазик, деновиве го објави својот нов сингл насловен „El Baño“, снимен во соработка со порториканскиот трап и регетон-пејач Бед Бани. Слично како „Despacito“, и оваа песна е со малку побавно темпо, но има потенцијал да биде уште еден мегахит за 42-годишната ѕвезда.

„El Baño“ стигна заедно со жешко видео, во кое се појавува и актерот Ерик Робертс, а Енрике флертува со една мистериозна дама (Полиана Уруена)… Како што сугерира и самиот наслов, дел од сцените се снимени во када, а како изгледа и звучи сето тоа можете да видите и слушнете горе.

Како и претходните хитови, „Duele el Corazón“ и „Súbeme la Radio“, сè уште не е познато дали новата песна е самостоен сингл или најава за 11. по ред студиски албум на Иглесијас, кој ќе го наследи „Sex+Love“ од 2014 година, чија промотивна турнеја го опфати и Скопје. Што се однесува на приватниот живот, пејачот и неговата долгогодишна девојка, руската тенисерка Ана Курникова, во декември станаа родители на близнаците Николас и Луси.

И.Ј.



Врати се горе ↑