Видео

26 јуни, 2019

Емотивно видео за „Heaven“ од Авичи и Крис Мартин

На почетокот на месецов беше објавен постхумниот албум на шведскиот диџеј и продуцент Авичи, кој прерано го заврши својот живот во април минатата година. Изданието насловено „TIM“ содржи 12 песни, кои ги довршија неговите долгогодишни соработници Варгас и Лагола, а меѓу нив се најде и соработката со британскиот пејач и вокалист на познатата група „Колдплеј“ – Крис Мартин.

Станува збор за темата насловена „Heaven“, која Тим Берглинг (Авичи) и Крис Мартин ја напишале и снимиле во 2014 година, а финалната верзија била готова во 2016, пишува во соопштението за песната, чие видео го направи Леван Тсикуришвили.

„Работев со Тим уште од 2013 година. Оттогаш снимивме осум видеа, три концертни филмови и два документарни филмови. Во 2016, веднаш по неговиот последен настап, Тим, неговиот пријател од детството Ават и јас поминавме 19 прекрасни денови во Мадагаскар. Разговаравме за сè и сешто, се смеевме, игравме монопол, се дружевме со лемурите и го истражувавме островот. Сега, две и пол години подоцна, се вратив на островот во негова чест, за да ги рекреирам спомените што ќе останат со нас засекогаш“, раскажува Леван.

Видеото за „Heaven“ е збирка од снимки од неговиот телефон и необјавени материјали од документарецот „Авичи: Вистински приказни“, како и новоснимени материјали. „Направив и 3д-анимации со цел да ги доловам моментите од кои немав никакви снимки“, заклучи тој, а крајниот резултат погледнете го во продолжение. Уживајте!



Врати се горе ↑