Видео

8 март, 2019

Емотивна и моќна – еве ја евровизиската „Proud“ на Тамара!

Во централниот Дневник на МРТ 1 денеска конечно ја слушнавме и видовме евровизиската песна „Proud“, со која Тамара Тодевска ќе нè претставува на „Евровизија 2019“ во Тел Авив. Имајќи го предвид тимот што работеше на оваа песна, очекувањата беа навистина големи, но може да се каже дека целата екипа се надмина себеси и ни понуди навистина светски производ – емотивна и моќна химна за жените во која ќе се пронајде секоја девојка, мајка, ќерка, баба… токму затоа за премиерата и немаше посоодветен датум од денешниот Меѓународен ден на жената.

Потпишана од композиторите и продуценти Роберт Билбилов, Дарко Димитров и Лазар Цветкоски, а со стихови од писателот Коста Петров и Сања Поповска, „Proud“ си доби мошне едноставна, но исто толку моќна екранизација, за која се погрижи режисерот Чедо Поповски, а покрај Тамара се појавуваат и повеќе жени што ја инспирирале.

На самиот почеток можеме да ја видиме и нејзината преслатка ќеркичка Хана, како и сестра ѝ Тијана Дапчевиќ, моделот Катарина Ивановска, актерките Ана и Јана Стојановски, колешката Ивона Јовановиќ, писателката Винка Саздова, новинарката Јагода Михајловска Георгиева и други.

„Многу сум среќна што имав таков тим и што собравме такви музичари за да излезе оваа песна таква каква што излезе. Сакам да им се заблагодарам на целата екипа која беше дел од овие два месеца и буквално даде сè од себе“, рече Тамара и додаде дека ова е „приказна за секоја жена, за секоја мајка, за секоја баба… симболично беше кажано дека јас оваа песна ја посветувам на ќерка ми и дека ќе пеам за неа. Поентата беше да бидеш горд на себе што и да правиш и  да ги остваруваш своите соништа.“

Секако дека важно е и прашањето околу сценскиот настап, за кој нашите претставници се редовни критикувани од евровизиската публика, а како што открива Тамара, овој пат на настапот работат две шведски продуцентки кои се дел од популарниот шведски „Мелодифестивален“, во чии рамки се одбира шведскиот евровизиски претставник.

„Станува збор за жени со 30-годишно искуство на вакви фестивали и сметам дека оваа година ќе дадеме сè од себе сценскиот настап да биде најдобар што може“, дополни пејачката. „Оваа песна е мошне едноставна и лесна за работење, а најважно е да се долови тоа што го видовте во спотот – емоцијата која што ја дадоа сите кои што се во него. Тоа сакаме да го пренесеме и во Израел. Многу е важно и сликовито да им се пренесе пораката и секоја жена да се осети горда кога ќе ја слушне песната.“

Тамара Тодевска, која воедно е и првата претставничка што ќе се натпреварува за нашата земја со новото име Северна Македонија, ќе настапи во втората полуфинална вечер на 16 мај, а како звучи и изгледа нејзината евровизиска песна „Proud“ дознајте во продолжение. Уживајте!



Врати се горе ↑