2 јули, 2013

Еминем отворено зборува за зависноста во новиот документарен филм

Во филмот „How To Make Money Selling Drugs“, кој во моментов се прикажува во кината во САД, Еминем отворено зборува за времето кога развил зависност од лековите против болки. Во инсертот од филмот (горе), познатиот рапер вели: „Не знам точно во кој момент тоа стана проблем. Само се сеќавам дека тоа ми се допаѓаше сè повеќе и повеќе.“ Раперот објаснува дека не мислел дека има проблем со зависност, бидејќи не користел нешто како што е хероинот, но признава дека се навикнал на Викодин, Валиум и Ксанакс. Неговата зависност од таблети набрзо му го презела животот, а Еминем се присетува и на моментот во кој за малку ќе умрел поради предозирање: „Органите почнаа да откажуваат. Џигерот, бубрезите, сè… Мислеа дека сум готов.“

Еминем и порано имал изјавено дека во најлошите денови земал и по 60 таблети Валиум и 30 Викодин. Прекумерната доза од метадон ја зел во 2007 година, а за тоа денеска вели: „Докторите ми рекоа дека тоа е еквивалент на 4 кесички хероин. Ми рекоа дека би умрел за два часа.“

Документарниот филм е во режија на Метју Кук, а како копродуцент се јавува актерот Адриан Грениер. Во работата на филмот, авторите разговарале со дилери, агенти и славни личности како што се Фифти Сент, Вуди Харелсон и Сузан Сарандон. 

Извор: NME



Врати се горе ↑