Аудио

10 ноември, 2017

Еминем и Бијонсе ги здружија силите за „Walk On Water“

По пауза од речиси 4 години, Еминем се враќа на сцената со нов сингл, најавувајќи го своето 9. по ред студиско издание, симболично насловено „Revival“ (Оживување), кое ќе биде објавено на 15 декември. За најавниот сингл, кој беше објавен денеска и кој го носи насловот „Walk On Water“, популарниот рапер ги здружи силите со својата уште попопуларна колешка Бијонсе, а сето тоа продуцирано од неговиот долгогодишен соработник Рик Рубин можете да го слушнете во продолжение.

 

Последниот албум, „The Marshal Matters LP 2“, раперот го објави во 2013 година, а на него беа сместени хитовите „The Monster“ со Ријана и „Rap God“, која влезе во Гинисовата книга на рекорди како песна што содржи најголем број зборови. Во меѓувреме, тој гостуваше на неколку песни од своите колешки, како што се Сиа, Скајлар Греј и Пинк, а со неодамна објавеното видео, во кое го критикува американскиот претседател Доналд Трамп, го привлече вниманието и на македонската публика, која забележа дека на облеката на неговите колеги е испишан зборот Семоќниот“ на македонски јазик.



Врати се горе ↑