11 ноември, 2013

Еминем главна ѕвезда и „Глобална икона“ на MTV EMA 2013

Синоќа во Ziggo Dome арената во Амстердам се одржаа јубилејните 20-ти доделувања на Европските Музички Награди на MTV, а спектаклот беше директно пренесуван на сите канали на MTV, како и официјалната веб страница mtvema.com, каде што можете повторно да го прегледате целиот настан. Редфу од дуото LMFAO беше MC на вечерта, која беше отворена со настапите на Мајли Сајрус и Робин Тик. Поранешната Дизни ѕвезда го изведе хитот „We Can’t Stop“, а во текот на вечерта настапи и со актуелниот хит сингл „Wrecking Ball“, чиј видео запис беше награден во категоријата „Видео запис на годината“ – непредвидливото однесување и овој пат не изостана, па кога се качи на сцената да ја прими наградата, Мајли ја искористи приликата што се наоѓа во Амстердам и си запали џоинт. Тик го отпеа хитот „Blurred Lines“  и „Feells Good“ во придужба на Иги Азалиа.

AP Photo/Peter Dejong

Победничката во категоријата „Најдобар женски изведувач“, Кејти Пери се претстави со баладата „Unconditionally“, која е актуелен сингл од нејзиниот нов албум „Prism“, а сопственикот на овогодишната „Најдобра песна“ – темата „Locked Out of Heaven“, Бруно Марс настапи со актуелниот сингл „Gorilla“. Д Килерс ги отпеаја песните „Shot at the Night“ и „Mr. Brightside“, а настапот на Кингс оф Лион со темата „Beautiful War“ беше проследен со спектакуларна пиротехника. Имеџин Дрегонс настапија со нивниот хит „Radioactive“, а паралелно со настанот се одвиваше и мега забава во клубот Melkweg, кадешто публиката се забавуваше со Афроџек, Снуп Дог/Лајон (Снупзила?!) и 7 Дејс оф Фанк, a последниот настап за вечерта го имаше шведското дуо Ајкона Поп со изведбата на нивниот хит „I Love It“.

Оваа година наградата „Глобална икона“ му беше доделена на легендарниот рапер Еминем, кој пред само неколку дена го објави својот долгоочекуван осми студиски албум „The Marshall Mather LP 2“, а изминатата недела постави нов рекорд на билбордовата Хот 100 листа и не само што за прв пат ја освои највисоката позиција на Hot R&B/Hip-Hop листата, туку стана и првиот изведувач од 1964 година и легендарните Битлси, кој успеа во истиот момент да има барем 4 сингла меѓу најдобрите 20 на Hot 100 листата како главен изведувач. Покрај оваа, Еминем ја доби и наградата за „Најдобар хип-хоп изведувач“, а и без овие две, тој е единствениот артист со најголем број ЕМА статуетки, кои во моментов ги има 14. Неговиот спектакуларен настап изведувајќи ги темите „Berzerk“ и „Rap God“ можете да го погледнете горе.

 Фото: mtv.co.uk

Иако со најголем број на номинации, Џастин Тимберлејк не освои ниту една награда од 5-те категории, а Меклмор и Рајан Луис кои исто така беа номинирани во 5 категории, победија само во категоријата „Најдобар нов изведувач“. Во продолжение погледнете го комплетниот список на победници од овогодинешното доделување на MTV EMA, кое следната година ќе се одржува во шкотскиот град Глазгов.

  • НАЈДОБРА ПЕСНА: Бруно Марс – “Locked Out Of Heaven”
  • НАЈДОБАР ВИДЕО ЗАПИС: Мајли Сајрус – “Wrecking Ball”
  • НАЈДОБАР НОВ ИЗВЕДУВАЧ: Меклмор и Рајан Луис
  • НАЈДОБАР ЖЕНСКИ ИЗВЕДУВАЧ: Кејти Пери
  • НАЈДОБАР МАШКИ ИЗВЕДУВАЧ: Џастин Бибер
  • НАЈДОБАР ПОП ИЗВЕДУВАЧ: Уан Дајрекшн
  • НАЈДОБАР ИЗВЕДУВАЧ ВО ЖИВО: Бијонсе
  • НАЈДОБАР ХИП-ХОП ИЗВЕДУВАЧ: Еминем
  • НАЈДОБАР РОК ИЗВЕДУВАЧ: Грин Деј
  • НАЈДОБАР ИЗВЕДУВАЧ НА ЕЛЕКТРОНСКА МУЗИКА: Авичи
  • НАЈДОБАР АЛТЕРНАТИВЕН ИЗВЕДУВАЧ: 30 Секндс ту Марс
  • НАЈДОБАР ИЗГЛЕД: Хари Стајлс (Уан Дајрекшн)
  • НАЈСТРАСТНИ ФАНОВИ: Токио Хотел
  • НАЈДОБАР „WORLD STAGE“ НАСТАП: Линкин Парк – Мексико 2012
  • НАЈДОБАР „PUSH“ ИЗВЕДУВАЧ: Остин Махон – април 2013
  • НАЈДОБАР „WORLDWIDE“ ИЗВЕДУВАЧ: 李宇春Крис Ли
  • ГЛОБАЛНА ИКОНА: Еминем

Повеќе фотографии и снимки од синоќешниот спектакл можете да видите на mtvema.com



Врати се горе ↑