Видео

28 мај, 2019

Емели Санде сними песна за „Мрачниот феникс“

Шкотската дива Емели Санде во март годинава се врати на музичката сцена и со госпел-баладата „Sparrow“ го најави своето трето студиско издание, за кое подоцна откри дека ќе го носи насловот „Real Life“ и дека ќе стигне на 7 јуни, а деновиве го претстави и вториот сингл „Extraordinary Being“. 32-годишната музичарка овој пат одлучи да експериментира со малку диско-звуци, а сето тоа им се допаднало на филмаџиите во компанијата „Фокс“, кои решија песната да биде дел од саундтракот за новиот филм „Екс-мен: Мрачниот феникс“ (X-Men: Dark Phoenix). 

„Песната е за разоткривање на лагата дека ние сме обични“, објаснува Санде. „Ние сме извонредни и со оваа песна сакам да ги потсетам луѓето на нивната вродена големина која постои во секого. Извонредноста не е само за некои луѓе, таа е за сите нас. Се надевам дека стиховите ќе им помогнат на сите оние на кои им недостасува самодоверба и кои треба да се потсетат на нивните супермоќи“, вели таа.

’Extraordinary Being’ веќе беше во подготовка кога го гледав филмот и забележав дека стиховите се совпаѓаат со искуството на главниот лик. Веднаш знаев дека е совршен спој“, дополни таа, а доказ за тоа е и самото видео, во кое се вметнати сцени од самиот филм и кое можете да го прегледате во продолжение. Уживајте!



Врати се горе ↑