Настани 72c25e77-56ea-4195-a067-5fb775543170

18 април, 2015

Емели Санде на отворањето на ЕГЗИТ!

Еден од најпосакуваните женски вокали и во моментов водечката светска соул и ар-ен-би пејачка Емели Санде (Emeli Sandé), ќе настапи на 9 јули на отворањето на јубилејното 15. издание на фестивалот „Егзит“ на Петроварадинската тврдина во Нови Сад. Британската ѕвезда со замбиско потекло, е сопственичка на три синглови од првото место на светските топ листи и најпродаваниот европски албум во 2012 и 2013 година, надминувајќи ги и Адел, „Арктик манкис“ и Бруно Марс! Со оглед  на тоа дека албумот се задржа дури 64 недели во првите 10 на листата на најпродавани, Санде и официјално го собори рекордот кој повеќе од 50 години го држеа „Битлси“! Наградена со три БРИТ и три МОБО награди, покрај бројните признанија на угледните списанија како што се „Ел“, „Кју магазин“ и „Харперс базар“, 28-годишната кантавторка е добитничка и на две престижни Ајвор Новело (Ivor Novello) статуетки за исклучителна композиторска работа. Емели Санде отвора посебна програмска целина на овогодинешниот „Егзит“ која ја сочинуваат авторите на најслушаните песни  во современата популарна музика како што се и „Клин бандит“ (Clean Bandit), Џон Њуман (John Newman), Том Одел (Tom Odell), Милки Ченс (Milky Chance)Хардвел (Hardwell), Мартин Гарикс  (Martin Garrix) и Оливер Хелденс (Oliver Heldens), ред имиња од првите места на светските топ листи, а кои лично ги пишуваат своите песни и зад кои не стојат тимови од професионални композитори и текстописци. Најголемите ѕвезди на новата генерација ќе настапат покрај докажаните великани како што се „Моторхед“ (Motorhead), „Феитлес (Faithless), Ману Чао (Manu Chao), „Напалм дет“(Napalm Death), Рони Сајз (Roni Size), Голди (Goldie), Крис Либинг (Chris Liebing)Адам Бејер (Adam Beyer) и други.

 

„Пејачка на која влијаеја многумина, но чиј звук е само нејзин, единствен“ пишуваше „Њујорк тајмс“, мислејќи на фактот дека Санде е првата вистинска ар-ен-би дива на светската сцена во оваа деценија, по минатите две кои ги одбележаа нејзините идоли со кои редовно ја споредуваат, како што се Витни Хјустон, Лорин Хил, Мери Џеј Блајџ или дури и Нина Симон и Арета Френклин. Сајмон Кауел за неа изјави дека му е омилената авторка, која пишува песни и за други ѕвезди како што се Леона Луис, Алиша Кис, па дури и Крис Мартин од групата „Колдплеј“, со кои во 2011 година замина на светската турнеја! Охрабрувачко влијание врз неа имала и уметницата Фрида Кало, чиј лик го истетовирала на своето рамо кога се посветила на музиката и покрај звршените студии по медицина. Нејзината тајна за успехот е инстинктот – ако мора да работи на песна повеќе од еден ден, не продолжува, бидејќи како што вели, најдобрите идеи веднаш „кликнуваат“. Со тој пристап ги освои првите места на топ листите со хитовите Read All About It“, „Next to Me“ иBeneath Your Beautiful. Деби албумот „Our Version of Events“ содржи исклучиво песни кои сама ги напишала и ѝ го донесе престижното признание на БРИТ наградите – „Избор на критиката“, а со него и официјално стана најдобриот женски изведувач со официјално најдобриот албум и најизведуваната песна во 2012 година. Емели Санде е единствената уметница избрана да настапи на церемониите и за отворањето и за затворањето на Олимписките игри во Лондон во 2012 година, а на 9 јули оваа година ја очекува и повеќе од заслуженото, централно место на отворањето на јубилејното 15. издание на „Егзит“ на Петроварадинската тврдина.

Најдобрата акција „4+1“ повторно е тука!
Четиричленото друштво кое заедно ќе ги купува влезниците за „Егзит“, „Си Денс“ или целата „Егзит“ Авантура, петтата влезница ќе ја добие како подарок! Акцијата „4+1“ веќе е достапна во продажба преку мрежата на МКтикетс и во официјалното продажно место во Македонија, Југотон (Скопје, ГТЦ, прв кат). Влезниците за „Егзит“ чинат 3.599 денари, за „Си Денс“ чинат 2.550 денари, а за целата „Егзит“ Авантура (Егзит + Си Денс) само 4.299 денари. Во продажба веќе се пуштени и картите за организираниот автобуски превоз за „Егзит“ (Скопје – Нови Сад – Скопје) по цена од 2.990 денари, како и за целата „Егзит“ Авантура (Скопје – Нови Сад – Будва – Скопје) по цена од 4.990 денари.



Врати се горе ↑