Видео

28 февруари, 2019

Ема Бантон се враќа со „Baby Please Don’t Stop“

2019 дефинитивно е година на „Спајс грлс“, бидејќи четири од некогашните пет „зачинети девојки“ летово конечно ќе имаат заедничка турнеја во Велика Британија, а нивните обожаватели потајно се надеваат дека сето тоа ќе резултира и со нова музика. Се чини дека желбата донекаде им се оствари, а виновна за тоа е русокосата „Бејби спајс“ – Ема Бантон, која штотуку го објави својот повратнички сингл, најавувајќи го четвртиот соло-албум насловен „My Happy Place“ што ќе стигне на 12 април.

Со ретро-призвук од шеесеттите, темата „Baby Please Don’t Stop“ е дело на авторите Пол Бери и Патрик Маскал, а е една од десетте песни што ќе се најдат на новото издание. Меѓу нив има и неколку соработки, вклучувајќи ја дуетската верзија на баладата „2 Become 1“, која ја отпеа со колегата Роби Вилијамс, како и преработки на „Here Comes The Sun“ од легендарните „Битлси“ и „Come Away With Me“ од Нора Џонс.

„Бев навистина пресреќна што сум повторно во студио. Како што старееме, имаме поголема самодоверба бидејќи нашите приоритети се менуваат, а мојот фокус сега е на семејството. Но, овој албум е како шлаг на тортата. Можноста да пишувам, снимам и да пеам е дефинитивно таа дополнителна искра на магија“, откри 43-годишната ѕвезда, чиј последен соло-албум – „Life In Mono“ (2006) – беше објавен пред цели 13 години, а како звучи и изгледа нејзиниот повратнички сингл дознајте во продолжение. Уживајте!

 



Врати се горе ↑