Балкан EMA 2015 AdriaAct

10 септември, 2015

Ем-ти-ви го номинира Кајмакоски за најдобар изведувач од Балканот

Откако со актуелниот сингл „10 лета“, односно „Деценије“, Даниел Кајмакоски по втор пат го освои врвот на регионалната топ листа на Ем-ти-ви – „Домачица“ (првиот пат со „Не могу против срца свог“), музичкиот канал едноставно не можеше да не го смести меѓу номинираните за наградата „Најдобар изведувач од Балканот“ (Best Adria Act) на претстојните европски музички награди, чие доделување е закажано за 25 октомври во Милано.

Покрај Кајмакоски, номинирани се и „Ту челос“, Марчело и „Хладно пиво“, а петтиот номиниран ќе го одбере публиката по принципот „вајлд карта“, односно со гласање на социјалната мрежа Твитер. Сè до 14 септември (понеделник), публиката ќе има можност да реши дали петтиот кандидат ќе биде „Били Андол“, „Џексон“, „Сајси Ем-си“, Сасја или „Сидарта“, а тоа ќе може да го направи користејќи ги следниве ознаки:

1. #MTVEMA #NominateBillyAndol

2. #MTVEMA #NominateJackson

3. #MTVEMA #NominateSajsiMC

4. #MTVEMA #NominateSassja

5. #MTVEMA #NominateSiddharta

По повод номинациите за „вајлд картата“, изведувачите изјавија:

БИЛИ АНДОЛ

„Кога дознавме дека сме номинирани, неопишливо чувство на задоволство ги обзеде нашите тела. Да се биде номиниран е предоргазмична состојба! Ги повикуваме фановите да го забрзаат ритамот и да гласаат за нас и оваа авантура да заврши на најдобриот можен начин!“

ЏЕКСОН

„Оваа номинација многу ни значи. Бевме во шок кога дознавме дека сме номинирани и дека нè одбравте токму нас меѓу оваа поплава од бендови на сцената. Би им се заблагодариле на екипата на Ем-ти-ви, а особено на Никола, кои нè поддржуваат од самиот почеток. Пред нас се големи планови, создавање нови песни, нов албум и многу концерти. Гласајте за нас и помогнете ни преку сета оваа дополнителна промоција да го пронајдеме патот до светска препознатливост!“ 

САЈСИ ЕМ-СИ

„Номинацијата е многу важна работа во музичката кариера бидејќи тоа е еден вид признание, награда за досегашната работа и труд. Без оглед на крајниот резултат, т.е. победиле или не, како номинирани се чувствуваме многу почестено. Во оваа пригода сакам да ги повикам своите фанови да гласаат за нас и да покажеме колку е силна љубовта во регионот која нè спојува!“

 САСЈА

„Оваа номинација претставува дополнителна мотивација за уште работа, нови песни, албуми, награди. Другари, фрлете по некој глас за мене бидејќи и јас би го направила тоа за вас… а и океј сум.“

 СИДАРТА

„Сè уште добро се сеќавам како беше во 2005 година во Лисабон кога ја освоивме првата титула за Најдобар изведувач од Балканот. Мило ни е што и десет години подоцна сè уште се движиме во друштвото на најдобри музичари од регионот. Тоа ни е знак дека работиме добро. Драги наши пријатели, ако го имате истото мислење, можете со еден клик да гласате за нас и да не пратите во Милано!“

Следниот круг гласање за оваа награда започнува во вторник, 15 септември, а ќе трае до 14 октомври на полноќ и ќе се одвива на www.mtvema.com. Тогаш за титулата најдобар изведувач од регионот ќе се натпреваруваат „Ту челос“, Даниел Кајмакоски, Марчело, „Хладно пиво“ и победникот од номинацијата „вајлд карта“.

Доделувањето на европските музички награди на Ем-ти-ви ќе се одржи на 25 октомври во „Медиоланум форум“ во Милано, Италија.



Врати се горе ↑