Свет

9 април, 2018

Елвис намерно се самоуби, тврди поранешната сопруга Присила

Поранешната сопруга на легендарниот Крал на рокенролот тврди дека музичарот намерно си го одзел животот кога на 16 август 1977 година починал од срцев удар заради предозирање. 72-годишната Присила Пресли го открила ова пред премиерата на новиот документарен филм на Ејч-би-оу, „Елвис Пресли: Трагачот“ (Elvis Presley: The Searcher), во кој се зборува за неговата поврзаност со Мемфис, Тенеси.

Во филмот, чија премиера е закажана за в сабота, Присила отворено зборува за проблемите со зависноста на нејзиниот поранешен сопруг. Таа вели дека „знаел што прави“, како и дека најблиските неуспешно се обидувале да го одвратат од претераната употреба на лекови, но неговата одлучност и влијание биле посилни.

 

„Тој знаеше што прави и луѓето се прашуваа зошто никој не презел ништо? Но, тоа не е вистина. Неговите најблиски се обидуваа да го предупредат, но никој не може да му кажува на Елвис што да прави. Ако се обидеш, веднаш ќе бидеш отфрлен.“, вели таа.

Изјавата доаѓа само неколку месеци откако биле откриени две проштални пораки наводно напишани од Елвис. Членовите на семејството велат дека тоа е доказ за неговата намера да си го одземе животот со преголема доза на лекови против болки. Во неодамна откриени пораки до неговиот пријател и менаџер на турнеи, Џо Еспозито, Елвис напишал: „Уморен сум од мојот живот“ и „Ми треба долг одмор“.

Неговиот полубрат Рик Стенли, кој за истото пишуваше и во неговата книга од 2016 година, рекол дека за него, „тоа е јасен предзнак дека размислувал за самоубиство“.

 

Присила се разведе од Елвис во 1973 година, по раѓањето на нивната единствена ќерка Лиза Мари, но тие останале блиски сè до неговата смрт во 1977. За смртоносната злоупотреба на лекови таа ја обвинува американската војска, со која Елвис го служел воениот рок во Германија.

„Тие им даваа разни апчиња за да останат будни. Неговите обврски се одвиваа во текот на ноќта, па затоа им даваа апчиња и така започна сè“, вели Присила, додавајќи дека „тоа било неистражена територија за него, а низ сето тоа морал да помине сам“. 

По смртта на Елвис, било откриено и дека еден ист доктор му препишал повеќе од 10.000 апчиња во осум месеци.

Извор: metro.co.uk / фотографија: Јутјуб

 

 



Врати се горе ↑