Свет 12359932_10153332064215748_5438979861538474277_n

31 јануари, 2016

Ели Гоулдинг, Џастин Бибер и Питбул меѓу изведувачите на „Греми 2016“

Уште само две недели нè делат од 58. по ред доделување на музичките награди Греми, кое ќе се одржи на 15 февруари во центарот „Стејплс“ во Лос Анџелес. Малку по малку се комплетира и списокот со изведувачи што ќе настапат на најважната музичка ноќ во годината, така што на веќе најавените Адел, Викенд, Кендрик Ламар, „Литл биг таун“ и Лајонел Ричи ќе му се придружат и британските ѕвезди Ели Гоулдинг и Џејмс Беј, американските надежи Тори Кели, Андра Деј и Сем Хант, кантри пејачката Кери Андервуд, канадската сензација Џастин Бибер и „господинот 305“, Питбул. 

Ели Гоулдинг, која ќе биде една од главните ѕвезди на отворањето на годинешното издание на фестивалот „Егзит“, за својот хит „Love Me Like You Do“ од филмот „Педесет нијанси сиво“ ја доби првата номинација за Греми, во категоријата „Најдобра поп соло изведба“, па веројатно токму оваа песна ќе ја отпее на претстојната манифестација.

За првпат е номиниран и нејзиниот помлад колега, Џејмс Беј, кој е во трка за дури три статуетки во категориите „Најдобар нов изведувач“, „Најдобар рок албум“ за првенчето „Chaos and the Calm“ и „Најдобра рок песна“ за хитот „Hold Back The River“.

Прва и засега единствена номинација за Греми има и 23-годишната Тори Кели, која ќе се натпреварува во категоријата „Најдобар нов уметник“. Својот прв албум „Unbreakable Smile“ го објави во јуни минатата година, а со водечкиот сингл „Nobody Love“ успеа за првпат да се најде меѓу најдобрите 100 на Билбордовата листа.

И 31-годишната Касандра Моник Бејти, односно Андра Деј, е Греми дебитантка годинава, натпреварувајќи се во две категории: „Најдобра ар-ен-би изведба“ за синглот „Rise Up“ и „Најдобар ар-ен-би албум“ за првенчето „Cheers to the Fall“.

Греми дебитант е и 31-годишниот кантри пејач Сем Хант, кој исто така е во трка за две награди и тоа „Најдобар нов уметник“ и „Најдобар кантри албум“ за неговиот деби албум „Montevallo“, објавен во октомври 2014 година.

Интересно е тоа што, и покрај долгогодишната кариера и бројните хитови, популарниот рапер Питбул дури годинава ја доби својата прва номинација за Греми и тоа за неговото 9. по ред студиско издание „Dale“, кое е номинирано во категоријата „Најдобар латино рок, урбан или современ албум“.

Првата „ветеранка“ во оваа група изведувачи е кантри ѕвездата Кери Андервуд, која зад себе има 13 номинации и 7 победи. Годинава таа е во трка за еден златен грамофон, во категоријата „Најдобра кантри соло изведба“ за темата „Little Toy Guns“.

И покрај тоа што е еден од најпопуларните пејачи во светот, Џастин Бибер зад себе има само три номинации за Греми, две од нив ги доби во 2011 година, а годинава се натпреварува во категоријата „Најдобра денс снимка“ за темата „Where Are U Now“, која ја сними со продуцентското дуо „Џек Ју“, составено од Скрилекс и Дипло.

Со оглед на тоа што неговиот актуелен, 4. по ред студиски албум „Purpose“ беше објавен во ноември минатата година, по завршувањето на рокот за номинации, веројатно следната година ќе добие признание за неговите мегахитови „Sorry“, „What Do You Mean“ и „Love Yourself“, кои речиси истовремено царуваа меѓу најдобрите пет на топ листите од двете страни на Атлантикот.



Врати се горе ↑