Свет lr

28 мај, 2014

Ели Џексон повеќе не разговара со поранешниот член на Ла Ру

Ели Џексон од дуото Ла Ру открила дека таа и другата половина на поранешниот двоец, Бен Лангмеид повеќе не разговараат. Имено, во разговор за The Observer, Ели зборувала за разидувањето со својот партнер и рекла дека новиот сингл „Let Me Down Gentley“ бил нешто што „не му се допаднало на Бен“, додавајќи дека до разидување дошло кога се вратила од турнејата за првиот албум: „Чувствував дека Бен не се сложуваше со уметницата каква што одлучив да бидам. За првиот албум разговаравме многу и сè беше многу емотивно. Една од неговите главни улоги беше да биде личноста на која можев да и се обратам и со која можев да разговарам за бројни приватни нешта, а потоа и да пишувам за тоа. Но, едноставно кажано, тоа веќе не ми беше потребно. Сметав дека тоа можам да го работам и со многу други луѓе.“

Во интервјуто Џексон зборувала и за тешкотиите и нападите на паники кои ја обземале по излегувањето на првенчето „La Roux“: „Тоа беше по некои осум месеци, а пред мене беа турнеите. Се чувствував како да губам контрола… а јас сум голем ’контрол фрик’“. Ели и порано го имала прокоментирано доцнењето на албумот, велејќи: „Сфатив дека албумот кој сакав да го снимам ќе бара од мене да станам многу подобра музичарка отколку што сум била… Имав многу да научам, беше забавно и не сакав да го прекинам тоа.“

Албумот „Trouble In Paradise“ ќе биде објавен на 7 јули за Polydor Records, а на него ќе се најдат и песните „Paradise In You“, „Sexoteque“ и „Tropical Chancer“.

 



Врати се горе ↑