Видео

28 јануари, 2019

Елена Ристеска за Тоше: „Бевме сродни души“

Изминатиот викенд, односно вчеравечер беше емитувана специјалната емисија за Тоше Проески кај Жаре во „Еден на еден“. Гостите пееја и евоцираа спомени за Тоше, барем оние кои го познаваа, а една од нив беше и Елена Ристеска, која се наврати на сеќавањата за Тоше уште од моментот кога се запознале.

Имено, таа откри дека нивното запознавање најпрвин било преку СМС порака. Тој го побарал нејзиниот број преку колега, а непосредно се запознале на настан за избор на убавина „Look Model Search“, каде Тоше бил вистински кавалер со тоа што ѝ подарил кутија со чоколади.

„Како, од женски аспект, да се запознаеш со Тоше, а да не се заљубиш или да се заљубиш?“, ја праша водителот Жаре.

„Немаше некој што не е заљубен во него, без разлика да го познаваше или не. Така што сам си го даде одговорот на прашањето“, рече Ристеска и продолжи: „Кога ние всушност се запознавме, нели го познавав само како пејачот Тоше Проески, но подоцна како што го запознавав како човек, уште повеќе ми беше залепен за срце како човек, пред сè како другар бидејќи со таков тип на темпо на живот и на професија каква што имаме ние, посебно во тој период бидејќи тој беше многу голема ѕвезда, а јас бев на почеток на кариера да речеме, некако не се замислував во некаква посериозна приказна. Не знам зошто, но убаво знаев да си го исконтролирам тоа убаво чувство што си го имав за него. Кога го купи новиот џип, тоа беше последната проба пред последниот концерт. Тогаш се видовме на пробата и она што беше интересно, јас сакав да му ја пуштам тогаш новата песна ’Кревета два’, подоцна и му ја посветив на еден фестивал. Бидејќи ја слушна прв, тој да се пофали нели со новиот џип, се зазборувавме саат време. Се сеќавам дека не беше на пробата, доцнеше, си седеше внатре и зборувавме. Се појави Роки (гитара, придружен вокал) и праша што правите вие саат време, но тој само се насмеа и никој не можеше нему да му се налути“, раскажа Елена.

Инаку, специјалната емисија беше по повод роденденот на Тоше Пооески кој на 25 јануари ќе наполнеше 38 години. На самиот ден, Ристеска настапи во неговото родно Крушево, а потоа и во Битола, каде што викендов се одржаа два однапред распродадени концерти на Камерниот оркестар на Битола.

Извор: Вистина.мк



Врати се горе ↑