Настани

17 јануари, 2019

Елена Ристеска ќе пее за роденденот на Тоше во Крушево

Крушево се подготвува да го одбележи роденден на својот великан Тоше Проески, кој на 25 јануари ќе наполнеше 38 години. На настанот во оганизација на општина Крушево, спомен-куќата „Тодор Проески“, Меѓународната фондација „Тоше Проески“, ООУ „Никола Карев“ и СОУ „Наум Наумовски Борче“, прво ќе биде положено цвеќе на вечното почивалиште на Тоше, а потоа манифестацијата се сели во спомен-куќата „Тодор Проески“.

Таму ќе настапат Сотираки Чакалар, Марија Котеска и Елена Ристеска, а ученици од „Наум Наумовски Борче“ ќе читаат извадоци од песни на Тоше. Во текот на манифестацијата ќе се одвива и креативна работилница во авторство на ракотворци од Битола. На присутните ќе им се обратат и градоначалникот на Крушево и директорот на НУ спомен-куќата на Проески, а ќе бидат доделени и награди и благодарници.

Роденденот на Проески ќе биде одбележан и во Битола, каде што на 26 јануари ќе се одржи концерт на Камерниот оркестар на Битола и повеќе имиња од македонската музичка сцена, кои ќе изведат дел од најголемите хитови на Тоше.



Врати се горе ↑