Македонија

1 февруари, 2018

Елена Пренџова на вечер на авторска поезија во Србија

Македонската поетеса и слемерка Елена Пренџова ќе настапува на десеттата по ред Вечер на авторска поезија и проза „Стихија“, која традиционално ќе се одржи денеска, 1 февруари, во Врање, соседна Србија, со почеток во 20 часот.

Вечерите на авторска поезија и проза „Стихија“ во Врање се одржуваат секој месец во четврток, во центарот на градот. Немања Стојковиќ, еден од основачите на „Стихија“, е задоволен што на вечерите се претставува не само авторска, туку и туѓа поезија, но и што учесниците/чките се автори и авторки од различни генерации кои негуваат различни стилови на пишување. Стојковиќ напоменува дека му е особено драго што врањанските вечери на авторска поезија и проза се отворени за соработка и со автори и авторки од други градови од Србија, но и од соседните земји, како што е случајот со Македонија.

Ова е прво гостување на Пренџова на овие Вечери, но не и прво гостување воопшто на автори од Македонија. Имено, на деветтата по ред вечер на „Стихија“ гостуваа поети и поетеси од Скопје и Лесковац.

Веднаш после гостувањето во Србија, Пренџова на 2 и 3 февруари ќе има книжевни средби во Прилеп и Битола, во чии рамки ќе ја промовира нејзината најнова книга и прва збирка есеи Мини прирачник за поезија“.



Врати се горе ↑