Аудио

26 март, 2019

„Електроматик“ го објави деби-албумот „Отрован“

„Електроматик“ е нова рок-група на регионалната сцена. Новиот и автентичен рок-звук доаѓа од претходно познати лица, односно на бас-гитара е Феликс („С.Т.Р.А.Х“, „Оптимал проблем“, „Манисент и Менталност“), на гитара е Немања (некогашна „Полиестер шок“), на тапани е Исидор („Билборд“, „Антачаблуз“, „Бане Лалиќ и МВП“), а вокалист е Даниел (некогашен „Полиестер шок“).

Она што стана јасно веќе од првата заедничка проба на овој бенд е дека станува збор за енергична рок-музика од средна струја и за песни кои излегуваат од срцето и од мозокот, во кои секој член внесе по нешто свое. Без калкулации и без кокетирања со што и да е – искрено, од чиста љубов и потреба тие песни да бидат создадени. Резултатот од сето тоа е албумот „Отрован“, десет песни музички обоени со цврст рок-звук од една и помирни, поинтимни ноти од друга страна.

„Лирски, песните се занимаваат со денешницата, судбината на луѓето кои се снашле во ова ново време, или обратно – апсолутно се изгубиле и со љубовта, личните борби, борбите со пороците и со обидите за бегство од секојдневните досадни рамки на начинот на живеење денес“, вели Даниел Михајловиќ, фронтмен и автор на сите текстови на албумот, и открива: „Да, има многу автобиографски елементи, но и доста плодови од ’прислушкувањето’ на приказни од животот на моите пријатели, познаници, луѓе што сум ги среќавал моите патешествија низ градот. Приказните што можеш да ги слушнеш од луѓето на улица ги надминуваат дури и најизмислените филмски сценарија. Тоа е тоа што мене ме интересира и ме инспирира. Вистински човечки приказни“.

Албумот „Отрован“ е снимен во Белград во 2018 година. Продукцијата ја потпишуваат Марко Маровиќ и членовите на групата, а мастерингот е дело на Филип Даст од Манчестер. Како гости во реализацијата на албумот помогнаа и некои драги пријатели на бендот, како што е познатиот џез-пијанист Милан Петровиќ на клавијатури, потоа Никола Вукотиќ („Маика“, „Лолобриџида“, „Петар Пан“) на перкусии и Марко Видојевиќ („Рок булевар“) како придружен вокал.

Дигиталната форма на албумот ја објави „Цеде бејби“ (CD Baby), а изданието може да се најде на сите платформи за преслушување и преземање музика ширум светот, додека издавач на цеде во ограничен тираж е самиот бенд.

 

„Електроматик“ можете да ги следите на:

Facebook

Instagram

YouTube

Албумот „Отрован“ можете да го најдете на: 

CD Baby

Deezer

Amazon Music

iTunes



Врати се горе ↑