Аудио

12 март, 2018

„Еквинокс“ ќе ја претставува Бугарија на „Евровизија 2018“ со „Bones“

Како што наближува крајниот рок за објавување на песните што ќе се натпреваруваат на годинашната „Евровизија“ во Лисабон, деновиве речиси секојдневно се промовира сработеното од тимовите на 43-те земји учеснички на фестивалот. Освен нашата „Lost And Found“, неодамна беше претставена и евровизиската песна на Бугарија, која го носи насловот „Bones“ (Коски) и која ќе ја изведе групата „Еквинокс“ (Equinox).

Имено, петчлениот состав што го сочинуваат бугарски и американски музичари, бил специјално создаден за оваа пригода, а за песната се погрижила екипата на „Симфоникс интернејшнал“, која е виновна за огромниот успех на Бугарија во изминативе години, а се потпиша и на нашата минатогодишна песна „Dance Alone“ во изведба на Јана Бурческа.

Жана Бергендорф / фотографија: Драгомир Спасов

„Еквинокс“ е составена од вокалистката Жана Бергендорф, Владо Михаилов, Георги Симеонов, Џони Мануел и Треј Кемпбел. Жана е познато име на музичката сцена во соседството, кое публиката најдобро го знае по победата во втората сезона од бугарскиот „Х фактор“, а Владо Михаилов, или Влади, е познат како автор и фронтмен на групите „Сафо“ и „Сленг“. Нему евровизиската сцена му е веќе позната бидејќи лани настапуваше во Киев како придружен вокал на Кристијан Костов.

Пејачот, автор и вокален продуцент Георги Симеонов, пак, твори под псевдонимот Џеј-Џеј (JJ), а  дебитирал на сцената како дел од популарната група „032“. Својата соло-кариера ја започнал во 2013 година и зад себе досега ги има хитовите „По-добре“, „Че разбрах“ и „Дилар на љубов“. Освен што е вокален продуцент на албумите на едни од најголемите бугарски ѕвезди, тој држи часови по поп, соул и ар-ен-би пеење во Софија и во Пловдив.

Џони Мануел / фотографија: Драгомир Спасов

Импресивно резиме имаат и двата американски члена на „Еквинокс“. Пејачот Џони Мануел е на сцената од својата 14. година, настапувајќи на турнеја заедно со некогашната популарна група „Ен-синк“ (Џастин Тимберлејк), а минатата година учествувал и на „Америка има талент“, каде што стигнал до полуфинале.  Неговата изведба на баладата „I Have Nothing“ од Витни Хјустон собра над 14 милиони прегледи на Јутјуб.

Авторот Треј Кемпбел, пак, кој е дел од авторскиот тим и на евровизиската песна, присутен е и на светската сцена, пишувајќи песни за повеќе светски ѕвезди, меѓу кои и Биби Рекса.

Исто како и нашите претставници „Ај кју“, „Еквинокс“ ќе се натпреваруваат во првата полуфинална вечер на 8 мај, а како звучат нивните „Коски“ дознајте во продолжение. Уживајте!

Извор: eurovision.tv / фотографии: Драгомир Спасов



Врати се горе ↑