Настани 6d53f71b-e7fa-4079-b334-6b649589f555

22 февруари, 2015

Експлозивен „Егзит“ со „Напалм дет“, „Фир фактори“, „Терор“ и „Нуклиар асолт“!

Најжестоката бина на Балканот за фестивал во фестивалот!

Најжестоката бина на Балканот, „Експлозив стејџ“ (Explosive Stage) на „Егзит“, оваа година ќе биде помоќна од било кога! Водечките американски индустриал металци „Фир Фактори“ (Fear Factory) на 12 јули прв пат ќе настапат во Србија, исто како и култниот њујоршки бенд „Нуклиар асолт“ (Nuclear Assault) кој доаѓа на 11 јули и за кој ова е воедно и последна турнеја. Едно од најжестоките имиња на сите времиња „Напалм Дед“ (Napalm Death) на 9 јули доаѓа да ја одбележи десетгодишнината од својот претходен настап на „Егзит“ кога ја предводеше тогашната „Метал Хамер“ бина, а на 10 јули премиерен настап на тврдината ќе има и калифорниската хардкор атракција „Терор“ (Terror). Покрај веќе потврдените асови „Моторхед“ (Motorhead) и новите рок ѕвезди „Иглс оф дет метал“ (Eagles Of Death Metal) на главната бина на „Егзит“, листата на бендови за овогодишната „Експлозив“ бина претставува вистински панк/метал/хардкор фестивал во фестивалот, чија програма самостојно може да им парира на најголемите светски смотри на жестокиот гитарски звук!

 

„Напалм дед“ (Napalm Death), по 14 албуми и 30 години на светската сцена, денес се во нов подем со објавувањето на последниот албум „Utilitarian“. Како водечки гриндкор и дед-метал бенд, оваа легендарна четворка од Бирмингем со право важи за критичар на светските моќници и остар глас на понижените и поробените. Нема светски панк/метал/хардкор фестивал на чиј плакат со големи букви не е испишано името на групата „Терор“ (Terror). Неуморниот состав од Лос Анџелес доаѓа со новиот, шести по ред албум и ветувањето дека остануваат верни на искрениот хардкор звук по кој се планетарно познати. Многумина беа шокирани од одлуката на култниот треш метал бенд „Нуклиар асолт“ (Nuclear Assault) актуелната турнеја да им биде и последна, па нивниот премиерен настап во Србија е уште повеќе важен за регионалните љубители на жестокиот звук. Предводникот на овој њујоршки бенд Дени Лилкер (Danny Lilker) и нивниот легендарен фронтмен Џон Конели (John Conelly) доаѓаат на тврдината за премиерно да ги распалат апсолутните метал химни „Brainwashed“ и „Critical Mass“. Еден од најголемите светски метал бендови и најбараните од фановите на „Експлозив“ бината, „Фир Фактори“ (Fear Factory) конечно доаѓаат на „Егзит“ и тоа на врвот од кариерата! Нивниот 11. по ред студиски албум стигнува оваа година, за дополнително да го зацврсти хедлајнерскиот статус кој великаните на гитарскиот звук го имаат оваа година на фестивалите како што се австралискиот „ВестФест“, германскиот „Рокхарц“ или шпанскиот „Резурекшн“ чија програма оваа година ја предводат токму со „Моторхед“!

Покрај хедлајнерите на најжестоката бина на Балканот, пред експлозивната публика во рововите на тврдината, ќе се претстават и канадските псајхобили панк-рокери „Крипшоу“ (Creepshow), средно-американскиот хардкор квартет „Експајр“ (Expire), англиските треш метал ветерани „Вајрус“ (Virus), чешките блек металци „Рут“ (Root) и титаните на екс-ју сцената, словенците „Сарказам“ (Sarcasm). Најмоќното издание на „Експлозив“ бината во историјата, со својот настап ќе го потврдат и норвешките паувер-металци „Гардијанс оф тајм“ (Guardians Of Time), шведските трешери „Санктрум“ (Sanctrum), мексиканската „Армада“ (Armada), италијанскиот дум-метал бенд „Каронте“ (Caronte) и мистериозната електро-кор група „Д веј оф пјурити“ (The Way of Purity) која доаѓа од Финска, а веќе со години го крие идентитетот на своите членови и ја брани идејата на движењето „Анимал Либерејшн Фронт“!

Скопските металци „Кортекс“ од „Лузер Фест“ заминуваат на „Експлозив“ бината на „Егзит“

Оваа година на „Експлозив“ бината посебно се издвојува плеадата од регионални бендови, меѓу кои и младиот скопски дед-метал бенд „Кортекс“ (Cortex). Нивниот настап на „Егзит“ всушност следи како награда од домашниот „Лузер Фест“ кој минатата година се одржа во Скопје во рамки на „Таксират фестивал“. „Кортекс“ на „Лузер Фест“ беа меѓу трите првопласирани групи кои понатаму беа испратени на преслушување на програмските селектори на реномираните европски фестивали. Оттаму изборот на „Егзит“ беше претставник на „Лузер Фест“ да биде токму овој бенд кој ќе го брани македонскиот жесток звук на моќната „Експлозив“ бина.

Покрај нив, на оваа листа се и бројни значајни регионални имиња како што се новосадските хеви метал ветерани „Армагедон“ (Armageddon) и загрепските готичари „Фантасмагориа“ (Phantasmagoria), како и еден од најактивните бендови во странство „Инфест“ (Infest) и „Д бриџ“ (The Bridge). По големата средноевропска турнеја, дома се враќа и новосадскиот бенд „Граунд зиро“ (Ground Zero), а нив ги следат и руските симфоничари „Великорус“ (Welikoruss)! Моќните рифови на Петроварадинска тврдина ќе ги испукаат и белградските панк-рокери „Репликантс“ (Replicunts), шидските трешери „Пјутрид блад“ (Putrid Blood), претставниците на старата детх-треш школа од Осијек „Вор хед“ (War Head), како и искусниот ХЦ-панк бенд од Тузла „Панкарт“ (Punkart). За овој жесток фестивал во рамки на „Егзит“ оваа година да биде уште поголем, ќе се погрижат и бендовите „Скафолд“ (Scaffold), „Лазарат“ (Lazarath), „Алајтор“ (Alitor), „Дедли мош“ (Deadly Mosh), „Д фадр оф серпентс“ (The Father of Serpents), „Соулкејџ“ (Soulcage), „Тандерстил“  (Thundersteel) и други, исклучително интересни изненадувања на „Експлозив“ бината.

Влезниците за „Егзит“ фестивал се достапни по цена од 3.599 денари, а за „Си Денс“ фестивал 2.240 денари. Единствената влезница за повеќе од десет дена на „Егзит“ Авантурата од Петроварадин до Јаз, можете да ја набавите за само 4.299 денари преку продажната мрежа на МКтикетс или во Југотон (Скопје, ГТЦ, прв кат), каде што веќе се во продажба и картите за превоз за „Егзит“ авантурата (Скопје – Нови Сад – Будва – Скопје) по цена од 4.990 денари. За сите кои сакаат покрај влезниците на време да го осигураат и сместувањето на двата фестивала, пакетите можат да ги најадат на сајтот www.exittrip.org, официјалната туристичка агенција на „Егзит“.



Врати се горе ↑