Балкан JBL.Exit_-1030x606

11 ноември, 2012

„Егзит“ се сели на хрватското приморје?

Организациониот тим на фестивалот ЕГЗИТ истакнал дека би сакал фестивалот да се одржи следната година, но дека тоа најмногу зависи од поддршката на државата, покраината и градот Нови Сад. Најрадикалните мерки би биле преместување на хрватското приморје.

Еден од основачите на фестивалот, Милош Игњатовиќ изјавил дека организацијата на Егзит никогаш не била лесна и имало многу тешки моменти кога помислувале дека можеби и нема да работи, дека целата таа приказна нема повеќе смисла, но од друга страна, фестивалот секогаш наоѓал начин да преживее и растел и покрај проблемите. Притоа додал дека сега сите реагираат на опкружувањето, кое е доста динамично, така што е рано за некоја дефинитивна оценка, но дека ќе направат сè што е во нивна моќ за фестивалот да опстане.

Тој исто така истакна дека доколку би дошло до некои радикални промени, откажување на некои од големите спонзори заради рецесијата или промена на државните одлуки, тоа неизбежно би довело до промени во концептот на фестивалот. Дури и без тоа, фестивалот мора да се менува. Прво траеше сто дена, па девет, па преминаа на формат од четири дена, воведоа Денс арена… Оние кои доаѓале на првите фестивали, сега поголем број од нив се семејни луѓе, а стигнала една потполно нова генерација која има поинакви желби и потреби, затоа промената на фестивалот би била најлогичен чекор.

На прашањето што би била најрадикалната промена доколку спонзорите им откажат и државата ја укине нејзината помош, тој кажал дека би дошло до тоа што во моментов никој не го сака, а тоа е преместување од Петроварадинската тврдина, па и од Србија.

„Можни се разни промени, па дури и преместување на фестивалот. Ние сме добивале бројни понуди да го организираме фестивалот на други места, на пример, најмногу понуди доаѓаа од хрватското приморје. Да речеме, државата Хрватска го препознала својот интерес во туризмот и систематски работи на тоа туризмот да се развие бидејќи им носи огромни приходи. Понудите кои до сега ги добивавме, не ги разгледавме сериозно, но тоа, да речеме, би била најрадикалната промена. Ние секако најмногу би сакале фестивалот да остане каде што е, со оглед на тоа дека таа локација е единствена и неодвоива од Егзит каков што го знаеме.“– истакнал Игњатовиќ.

Во врска со фестивалот, потпретседателот на Владата на Република Србија, Александар Вучиќ изјавил дека Егзит е многу важен за меѓународната репутација на Србија и дека државата и понатаму ќе го помага овој настан.

Извор: vesti-online.com



Врати се горе ↑