Настани c02febb0-6da9-4443-8941-04885dd2adf3

28 февруари, 2017

„Егзит“ подготвува гитарска лудница на Тврдината!

Фестивалот „Егзит“ доби нови, жестоки засилувања за овогодишното издание кое ќе се одржи од 6 до 9 јули на Петроварадинска тврдина. Спојот на мелодичен и тврд звук ќе се чуе од третата најголема бина на фестивалот, „Фјужн“ (Fusion), каде што доаѓа легендарниот состав „Демд“ (The Damned), кој ќе ја донесе својата препознатлива панк атмсофера, а славната бина на фестивалот „Егзит“ посветена на екстремниот звук,  „Експлозив“ (Explosive), и оваа година ќе биде епицентар на земјотресот кој ќе го предизвикаат најновите објавени имиња на метал, панк и хардкор сцената! Фуриозниот лајн-ап го предводат легендарните панкери „Анџелик апстартс“ (Angelic Upstarts) кои доаѓаат во Србија по 32 години! Ним им се придружува и култното име на екстремната индустриал дарк метал сцена, швајцарскиот бенд „Самаел“ (Samael). Тие ќе ја предводат експлозивната програма на оваа бина покрај веќе најавените бендови „Блек далија мрдр“ (The Black Dahlia Murder), „Дисчарџ“ (Discharge) и „Дистракшн“ (Destruction).

Едни од зачетниците на панк сцената, британските ветерани „Демд“ (The Damned) годинава на „Егзит“ ќе прослават 40 години од својот прв албум „Damned Damned Damned“, кој е воедно и првиот објавен британски панк албум! Со впечатливиот вампирски изглед на фронтменот Дејв Ваниан, кој го инспирираше раѓањето на готик модата, како и со нивниот иновативен пристап, го осигураа своето место во историјата на музиката, а оваа година ќе објават и нов албум на кој фановите ги очекува нивниот познат звук, но и новини, со кои ја зацврстуваат својата репутација на неуморни иноватори!

Во четврток на бината „Експлозив“, покрај единствениот романски состав „Дордида“ (Dordeduh) кој ќе го донесе својот уникатен спој на звуците од Трансилванија и блек метал, ќе настапи и бендот кој од корен го измени метал звукот и го одведе до неистражените димензии на експерименталната слобода. „Самаел“ (Samael) од самиот старт храбро чекореше на модерните творечки стази и ги постави цврстите темели на кои подоцна се изградија многу нови правци и стилови, а ним ќе им се придружи и домашниот тандем „Суперхамер“ (Superhammer).

Француските хардкор металци „Ин адр клајмс“ (In Other Climes) ќе се претстават пред публиката на „Егзит“ на втората вечер на фестивалот и ќе покажат зошто нивните настапи во живо, проникнати со фуриозна енергија, уште долго време се прераскажуваат! Вечерта ќе биде зачинета и со панк, бидејќи доаѓа и хардкор панк бендот „Дебели прецједник“ (Debeli precjednik), кој веќе 22 години го разгорува регионот, како и белградските панк рокери „Догхаус“ (Doghouse), кои се враќаат на „Егзит“ по неколку години, подготвени за уште една експлозивна свирка! Новосадскиот панк треш бенд „Лазарат“ (Lazarath) и загребскиот хардкор состав „Сентенс“ (Sentence) кон крајот на минатата година го издадоа заедничкиот албум, а и едните и другите со своите настапи ќе ги затресат зидовите околу бината „Експлозив“ со својот жесток звук! Вечерта ќе ја заокружи Дарко (Darko), кој за прв пат во овие краишта ќе го донесе својот скејт панк звук!

Саботата на Тврдината ќе го претстави ултимативното панк доживување со иконите на овој правец, „Анџелик апстартс“ (Angelic Upstarts), кои од самиот почеток на својата кариера се истакнуваат со своите анти-фашистички ставови, а кои и понатаму доминираат на сцената благодарение на својот силен гитарски звук. Истиот ден, култните југословенски панкери „KBO!“ ќе ја распаметат публиката со својот единствен звук кој го карактеризира отсуството на бас гитара во составот, а британските магови на хардкор панкот „Дисчарџ„ (Discharge) ќе го претстават својот нов албум и старите песни кои ги обработија и бендови како „Металика“ и „Антракс“! Меѓу имињата кои ќе ја надополнат енергичната атмосфера на третата вечер на фестивалот ќе бидат и мексиканскиот панк бенд „Асидез“ (Acidez), составот „Уајт Крајст“ (White Christ), кој ќе ја донесе својата дива и незадржливо енергична верзија на хардкор панкот, сѐ повеќе популарните британски поетични панкери „Уонк јунит“ (Wonk Unit) и домашниот ои! панк бенд „Фискални рачун“ (Fiskalni račun)!

Најжестокиот провод на последната вечер на фестивалот ќе го обезбеди еден од најјаките дет метал состави во последните неколку години, „Блек далија мрдр“ (The Black Dahlia Murder), како и новите најавени имиња кои ќе протатнат низ Тврдината, меѓу кои се њу-вејв треш металците „Хроносфир“ (Chronosphere), домашниот млад бенд „Казарборн“ (Quasarborn), кој за кратко време со својот метал звук привлече големо влијание и бендот од Јагодина, „Дикрепанси“ (Decrepancy), кој ќе го донесе олдскул дет метал звукот! Втемелувачите на европскиот треш метал звук „Дистракшн“ (Destruction) и младиот состав „Фул оф хел“ (Full Of Hell), кој го враќа грајндкорот на сцената, ќе ја надополни жестоката програма на последната вечер на фестивалот „Егзит“!

Во продажба се влезниците за големото „Егзит лето на љубовта 2017“!

Тимот на „Егзит“ годинава поврзува дури четири фестивали во регионот во единственото „Егзит лето на љубовта 2017“. Прв во низата е „Си стар“, кој на 26 и 27 мај ќе се одржи во градот Умаг, следен е фестивалот „Револушн“ во Темишвар на 2 и 3 јуни, а веднаш по фестивалот „Егзит“од 6 до 9 јули, следува четвртото издание на фестивалот „Си денс“ од 13 до 15 јули! Влезниците за „Егзит“ се достапни по цена од 3.580 денари, додека промотивната цена од 1.990 денари за „Си стар“ и „Си денс“ е актуелна само уште неколку дена, до 28 февруари за „Си стар“, односно до 1 март за фестивалот „Си денс“, по што цената ќе се зголеми. Најголемата заштеда е секако пакетот „EXIT Summer of Love 2017“, каде што една влезница за сите три фестивали може да се набави за само 4.530 денари! Повеќе информации за цените на влезниците се достапни на сајтот exitfest.org.



Врати се горе ↑