Настани ImageProxy (1)

12 јуни, 2014

Егзит авантурата започна во жесток ритам

Синоќа околу половина час по полноќ, по речиси два часа врвна рокенрол свирка на групата Квинс оф д Стоун Ејџ (Queens of the Stone Age), пред околу 16.000 луѓе, затворен беше Rock@EXIT фестивалот, со што и официјално започна големата осумдневна EГЗИТ авантура

Фестивалот на Петроварадинска тврдина пружи најдобра можна увертира за ЕГЗИТ и СИ ДЕНС и ни приреди само мал увид во она што нè очекува од 10-13 јули во Нови Сад и од 15-17 јули на Плажа Јаз кај Будва. По тој повод, Душан Ковачевиќ, директорот на Егзит фестивалот, изјави: „Фестивалот Eгзит носи со себе преголема количина на позитивна енергија за да се конзумира одеднаш, без подготовка. Rock@EXIT ја исполни својата мисија и претстави совршено загревање за најдобриот европски фестивал и најлудата авантура ова лето“.

Долгоочекуваниот рокенрол бенд Квинс оф д Стоун Ејџ синоќа прв пат настапи пред публиката од Србија, како и фановите од Македонија, Бугарија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Велика Британија, Холандија… Настапот го отвори одличната „You Think I Ain’t Worth a Dollar, But I Feel Like a Millioner“, за веќе на следната песна QOTSA да ја „зовријат“ атмосферата со својот веројатно најголем хит „No One Knows“, кој ја крена публиката на нозе, додека целата тврдина громогласно пееше со харизматичниот фронтмен Џош Хом.

Следеа и песните од новиот албум „…Like Clockwork”, но и најголемите хитови од целокупната кариера на бендот, кои ја држеа публиката постојано на нозе, а среќните девојки на рамениците од своите момчиња цели два часа! Ни Џош Хом не остана рамнодушен на количината позитивна енергија на Тврдината, па во еден момент прокоментира: „Ова место е многу посебно!“ Се чинеше дека ниту по отсвирени повеќе од дваесет песни, бендот не сака да си замине од бината, па со овациите од публиката и по долгиот бис концертот заврши половина час по полноќ!

Rock@EXIT фестивалот го отвори настапот на Репетитор во 18.20 часот, кои со својата незадржлива енергија официјално ја започнаа Егзит авантурата, а нивниот краток, но бомбастичен концерт ги раздрма, од топлината подзаспаните посетители на фестивалот. Следуваа Ритам Нереда и Ајсбрн (Eyesburn), чии свирки ги проследија верните фанови, но и многубројните љубители на QOTSA кои своите места во првите редови ги чуваа од 18.00 часот кога се отворија вратите на фестивалот. Концертот на Партибрејкерс го проследија повеќе од 7000 луѓе кои со најголемите хитови на најголемиот српски рокенрол бенд ја доведоа атмосферата до вжештување, за потоа, по кратката пауза, да започне долго посакуваниот настап на Квинс оф д Стоун Ејџ.

По краткиот одмор и собирањето на сите впечатоци, единствено што ни останува е да се подготвиме за продолжувањето на големата летна Егзит авантура, на истото место, за помалку од месец дена! На фестивалите ЕГЗИТ (10-13 јули, Петроварадинкса тврдина, Нови Сад) и СИ ДЕНС (15-17 јули, Јаз, Будва) нè очекуваат настапите на ѕвезди како што се Дејмон Албарн, Хртс, Џамироквај, Стромае, Пет Шоп Бојс, Рудиментал лајв, Скрилекс, Суед, Глорија Гејнор, Афроџек и Квинтино, Карл Кокс и Дени Тенаглиа, Дип Диш, Дисклоужр, Егземпл и многу други

Бидете подготвени за продолжувањето на EXIT авантурата, секој изостанок е – неоправдан!



Врати се горе ↑