Видео

20 јули, 2016

„Егзит 2017“ ќе слави 50 години од „Летото на љубовта“

После годинешното, најпосетено издание во 16-годишното постоење на фестивалот, „Егзит“ следната 2017 година ќе слави 50 години од познатото „Лето на љубовта“ (Summer of Love)! Имено, во текот на идната година, „Егзит“ ќе ги одбележува настаните од 1967 година, кога се роди револуционерното хипи движење кое засекогаш го промени светот. Овој општествен феномен ги собра луѓето од бројни делови на планетата околу идејата за заедништво, мир, солидарност и љубов, со што имаше немерливо влијание врз современата музика, но и врз културата во целина. Знакот на мирот, шарената облека и цвеќињата во косата се првите асоцијации на „летото на љубовта“ и движењето во чие наследство се вбројуваат борбата за мир, слободата на говор, човековите права, односно општествената, расната и половата рамноправност.

„Летото на љубовта го симболизира почетокот на хипи движењето од кое и настана не само современата музика, туку и музичките фестивали како место за прослава на животот со цел за општествени промени. ’Егзит’ е еден од ретките активни музички фестивали кој израсна од движењето за слобода и кој ги негува наследствата на првите музички фестивали кои, пред сè, имаа силна општествена мисија. Токму затоа сметаме дека е наша должност да го потсетиме светот на збиднувањата од пред 50 години и пораката на тогашното движење кое на денешниот свет му е попотребно од секогаш“, изјави основачот и директор на фестивалот „Егзит“, Душан Ковачевиќ.

Кулминацијата на големиот јубилеј ќе се случи на фестивалот „Егзит“, кој ќе се одржува од 6 до 9 јули на Петроварадинската тврдина, а обожавалите од целиот свет веќе од денес ќе можат да се пријават за првите, најповолни влезници чија рана продажба ќе започне во наредниот период. Бројот на влезници по овие најповолни цени е ограничен, така што побрзајте да си обезбедите место за претстојното лето на љубовта!

 

На годинешната, магична „Егзит авантура“ и фестивалското летување од Петроварадин до Јаз дојдоа преку 270.000 посетители од повеќе од 60 земји од светот – четири дена и ноќи на „Егзит“ и уште 3 дена на „Си денс“, каде што настапуваа некои од водечките светски ѕвезди. Авантурата ги прими првите патници во Нови Сад и ги однесе на „огнометен“ концерт на поп принцезата Ели Гоулдинг и на британските рокери „Бастил“. Титулата на прв меѓу првите, втората вечер ја освои најголемиот продуцент на денешницата, Дејвид Гета, со аудио-визуелен спектакл каков што ретко се гледа во животот! Главната бина на „Егзит“ изгледаше како голема машина од која во непрекинат микс се испорачуваа специјални верзии на најголемите поп и денс хитови. Вистинската забава на главната бина ја направи и докторот за фанк, Џорџ Клинтон, во придружба на бројните членови на музичкото семејство „Парлиамент-Фанкаделик“, додека Виз Калифа со несфатлива леснотија го потврди статусот на број 1 светски хип-хоп изведувач, правејќи шоу какво што може само некој кој е на врвот на кариерата, чија харизма во еден момент предизвика пауза за публиката да го скандира неговоро име и да вриска речиси пет минути без престан! Прашина подигнаа и популарните англиски инди-рокери „Вексинс“ (The Vaccines), легендите на панкот „Кок сперер“ (Cock Sparrer), гитарските бунтовници „Тинаривен“ (Tinariwen), а сосема очекувано, незабележана енергетска ерупција предизвикаа и милениците на публиката „Продиџи“, кои на завршната ноќ на „Егзит“, заедно со 55.000 посетители го срушија рекордот на дневна посета на тврдината! И оваа година околу 35.000 посетители секое утро ги поздравуваше сонцето на светски познатата „Денс арена“ со првопласираното дуо на листата на списанието „Топ диџеј“, Димитри Вегас и Лајк Мајк, како и кралевите на Ибица – Соломун, Масео Плекс, Ричи Хотин и Марко Карола, но и бројни други ѕвезди на електронската музика како што се: Ники Ромеро, Дејв Кларк, Нина Кравиц, Оливер Хелденс и многу други. На бината „Ноу слип Нови Сад“ свои забави приредија и клубовите „Ница“, „Трезор“, „Конкрит“,„Грел форел“ и „Драгстор“, а љубителите на жестоките гитари на бината „Експлозив“ уживаа со „Парадајз лост“, „Ет д гејтс“, „Енти-флег“, „Рејзд фист“, „Токсик холокауст“ и други. Регионалната и домашна постава ја сочинуваа: Јосипа Лисац, „Дисциплин А кичме“, „Урбан и 4“, „ТТП реунион“, „Басивити“, Ири Еф-ем, „Репетитор“, „Ритам нереда“, „ЗАА“ и уште стотина други ширум целата тврдина. Во текот на четирите дена, преку фестивалските порти на тврдината поминаа 195.000 посетители, а сите бини беа преполни со насмеани лица, за што најдобро сведочи и изјавата на Дејвид Гета во текот на незапамтениот спектакл на главната бина: „Ти благодарам ’Егзит’, уживав овде и порано, но оваа година беше подобро од секогаш!“

 

После четири незаборавни денови во Нови Сад, „Егзит авантурата“ само неколку дена подоцна се пресели на преубавата плажа Јаз во Црна Гора, каде што три возбудливи денови и уште толку ноќи полни со емотивен набој и незаборавни настапи на Јаз, со отсјајот на големото утринско сонце на брегот на тиркизниот Јадран, се одржа третиот по ред фестивал „Си денс“. Во продолжение на големата „Егзит авантура“, која патуваше од Петроварадин до Јаз, одлични настапи забележаа: „Стерео ем-сис“, Енди Си, „Блек кофи“, Систер Блис, Џеф Милс, Банко де Гаја, Зомбој, Голди, „Саб фокус“, „Шај еф-икс“, Марко Настиќ, Марчело, „Ху си“ и многу други.

Сепак, веќе првата ноќ на тронот на годинешната листа на изведувачи заслужено се искачи Скрилекс, кој, како и две години претходно, на фестивалот „Егзит“ совршената ноќ ја продолжи на бината „Денс парадајс“, каде што имаше уште едно изненадување со заедничкиот настап со хаус диџеј сетот со еден од водечките црногорски изведувачи, Мистер Џулс (Mr. Jools). Толку високо поставениот стандард не би можел да го надмине никој, но за момците од Манчестер ништо не е невозможно, па на последната вечер на фестивалот во Јаз, „Хртс“ покажаа дека токму срцето е најголемиот адут во секое финале, што го потврдија и нивните зборови: „Оваа ноќ ќе ја чуваме засекогаш, а вам ќе ви се вратиме повторно, вие овде имате нешто што во целиот свет полека исчезнува – срце и душа!“

Извор: mtv.rs



Врати се горе ↑