Настани DSC_0618

22 септември, 2013

Еднометарски букви во Градски парк испишаа „Сахара за мир“

Единаесет еднометарски букви и една четворка ги испишаа зборовите Sahara 4 Peace или Сахара за мир. Текст со импозантна големина е поставен на плочникот пред Школка во Градскиот парк и тука ќе остане 10 дена, со што и официјално започнува одбројувањето до почетокот на Сахара балканскиот мировен фестивал.

Ова е уште една од бројните активности со која веќе подолго време се најавува престојниот фестивал преку перформанси на разни локации низ градот. Моментот на поставување на буквите и составување на зборовите, беше дополнет со делење на 3000 бели балони со што се повикуваат и граѓаните да се придружат кон оваа идеја.

Сахара балканскиот мировен фестивал официјално ќе започне точно на полноќ на 1-ви октомври со перформанс на Камен мост. Во текот на деноноќието  во градот ќе се случуваат бројни активности. Некои од содржините ќе се одржат и во градовите од соседните држави со што на симболичен начин се кажува дека Сахара балканскиот мировен фестивал секоја година ќе се сели во друг град.

На 1-ви октомври во Скопје се очекува да пристигнат педесетина гости, светски лидери, поранешни претседатели, премиери, министри, амбасадори, холивудски ѕвезди, претставници од Балканските земји, сите ќе бидат дел од гостите на Сахара балканскиот мировен фестивал. Овој датум е избран како роденден на Махатма Ганди и прославуван од Обединетите Нации како Меѓународен ден против насилството.

Организацијата на фестивалот е спонзорирана од Сахара групацијата, под покровителство на Владата на Република Македонија. Во наредните неколку денови, ќе биде објавена официјалната програма на Фестивалот заедно со листата на официјални гости.

 



Врати се горе ↑