Македонија

6 јули, 2019

Една година без Влатко Илиевски

Денеска се одбележува една година од прераната смрт на македонскиот музичар и актер Влатко Илиевски, кој почина на 6 јули 2018 година, на возраст од само 33 години. Иако нè напушти премлад, ни остави бројни хитови и како самостоен изведувач и како вокалист на групата „Морал“, со која и се прослави во 2001 година.

Роден на 2 јули 1985, Влатко покажал талент и интерес за музиката уште од рана возраст, а започнал да свири на гитара во локални скопски бендови на 12 години. Првите посериозни почетоци му биле во 2000 година со групата „Мејд ин Маседониа“, кога освоиле две награди.

Во 2001 година, македонскиот рок-бенд „Морал“ го повикал Влатко Илиевски на аудиција. Истата 2001 година тие ги снимиле своите први песни, а во почетокот на 2002 година пошироката јавност го запозна Влатко како пејач на бендот со инстант-успешниот видео спот „Мора да е кошмар“.

 

Веќе наредното видео на „Морал“ со големиот хит „Кога патувам“ го етаблираше Влатко како следна голема музичка звезда на македонското небо, и групата и Влатко ја добија златната бубамара за најдобар нов пејач. 2003 година го завршиле својот албум „Кога патувам“, кој бил составен од песните: „Панично те сакам“, „Скопје“, „Ти си“, „Ова е Македонија“ и „А ти ме убиваш“. Во тој период тие беа едни од најпопуларните изведувачи во Македонија, иако свиреа хард-рок, музички жанр кој никогаш не бил добро прифаќан од македонските медиуми.

 

Во 2004 година по издавањето на албумот, „Морал“ ја добија наградата „12 величенствени“ на МРТ за група на годината во Македонија. Во 2005 година „Морал“ беа предгрупа на концертот на „Дип прпл“ (Deep Purple) во Скопје. После неколкугодишна пауза во нивната работа, поради сопствената соло-кариера, со „Moрал“ Влатко Илиевски го сними и албумот „Кофеин блуз“. При крајот на 2017 година тие го издадоа албумот, а во почетокот на 2018 го направија нивниот последен заеднички концерт.

 

Влатко ја започна својата соло-кариера во 2007 година. Неговите најпознати песни се „Небо“, „Уште си ми ти“, „Со други зборови“, „Не те можам“, „Taка требало да биде“, „Сè што сакав после тебе“, „Сите ми се криви“, „Гушни ме“ , „Скитник“, „Најбогат на свет“, „Роза сине“, „Исцеление“, „Пак на старо“, „За љубов се пее до крај“, „Работнички шампионе“, „Среќа“ и „Есен“. Влатко Илиевски беше и првиот македонски пеjач кој ја наполни арената „Борис Tрајковски“ со свој концерт.

 

Вкупно дваесет хитови се сместени на неговите два албума „Со други зборови“ и „Најбогат на свет“, секој од нив со по десет песни. Во 2011 година, тој влезе и во македонската евровизиска историја како наш претставник на популарниот фестивал, претставувајќи нè со песната „Русинка“. Тука се и бројните соработки и дуети со колеги од естрадата, како што се Тамара Тодевска, Дани Димитровска, Викторија Лоба, Ристо Самарџиев, Јана Стојановска, бугарската пејачка Божидара Симеонова, српската колешка Јелена Ѓуриќ и други.

 

Покрај музичката кариера, Влатко Илиевски беше и дипломиран актер, играјќи повеќе театарски и филмски улоги, меѓу кои особено се издвои „Есенин“ во Народниот театар во Битола.



Врати се горе ↑