Свет whitney

12 февруари, 2013

Една година без Витни Хјустон

На 11-ти февруари 2012 година трагично почина познатата пејачка Витни Хјустон. Вчера се наврши точно една година од нејзината смрт. Таа почина на 48 години, една вечер пред доделувањето на Греми наградите, а после низата шпекулации за нејзината смрт, во март минатата година беше утврдено и официјално објавено дека таа се удавила во кадата на хотелската соба, но и тоа дека за смртта придонеле и болеста на срцето и употребата на кокаин.

Витни Хјустон има продадено околу 170 милиони албуми ширум светот, а според податоците на Гинисовата книга на рекорди, таа има освоено 415 признанија. Од бракот со раперот Боби Браун, таа ја има ќерката Боби Кристина.

Популарната пејачка последните години имала проблеми со алкохолот, дрогата, како и разни лекови за смирување. Таа е единствената пејачка на светот која имала седум едно по друго број 1 хитови на Билбордовата листа, а тоа се: „Saving All My Love For You“, „How Will I Know“, „Greatest Love Of All“, „I Wanna Dance With Somebody“, „Didn’t We Almost Have It All“, „So Emotional“ и „Where Do Broken Hearts Go“.

 

Нејзиниот прв албум „Whitney Houston“, издаден во 1985 година станал најпродаван деби албум на музичар во тоа време кога е објавен. Имала неколку улоги во филм, а најзабележана беше таа од филмот „Телохранител“ од 1992 година, во кој играше заедно со Кевин Костнер, а нумерата „I Will Always Love You“ е една од нејзините најголеми хитови.

 

Пред годишнината од нејзината смрт, во соработка со семејството на пејачката, познатиот музеј „Мадам Тисо“ минатата недела претстави дури четири нејзини восочни фигури. Ова е прв пат во 200-годишната историја на познатиот светски ланец на музеи една позната личност одеднаш да се претстави во четири верзии, но од музејот сметаат дека тоа е единствен начин да се претстават најважните моменти и трансформации во кариерата на Витни.



Врати се горе ↑