Свет п

21 април, 2017

Една година без Принс, одбележана со скандал

Денеска се одбележува точно една година од прераната и ненадејна смрт на легендарниот американски музичар Принс, кој на 21 април минатата година беше пронајден мртов во неговиот дом во Минесота. Мултиталентираниот уметник, кој имаше само 57 години, според официјалните резултати од обдукцијата починал од предозирање со опијати, но во подоцнежни извештаи пишуваше дека фаталните лекови ги зел од погрешно обележани пакувања.

Како и секогаш, непосредно после смртта на популарно музичко име, нивните албуми и синглови повторно се враќаат на топ листите, а неизбежни се и постхумните изданија. Токму таков беше случајот и со Принс, кој во мај минатата година го собори рекордот на изведувач со најмногу изданија истовремено на Билбордовата албумска листа (14), а во ноември беше објавен и првиот постхумен албум Prince 4Ever, составен од 40 најголеми хитови и дотогаш необјавената „Moonbeam Levels“, снимена во 1982 година.

NEW UNDISCOVERED PRINCE RECORDINGS TO BE RELEASED THIS FRIDAY WITH "DELIVERANCE" EP (PRNewsfoto/RMA (Rogue Music Alliance))

Со цел пригодно да се одбележи годишнината од смртта, денеска (требаше да биде) објавен и вториот постхумен албум насловен Deliverance, каде што се сместени шест песни снимени во периодот од 2006 до 2008 година. Принс работел на овој материјал со долгогодишниот соработник и продуцент Џорџ Ијан Боксил, кој се погрижи изданието да биде објавено од независна издавачка куќа.

„Принс еднаш ми рече дека пред да си легне, секоја вечер размислува за начини да ги заобиколи големите етикети и неговата музика да оди директно кај публиката. Кога размислувавме како да го објавиме овој материјал, се одлучивме за независна куќа бидејќи сигурен сум дека така би сакал и тој“, изјавил Боксил.

Сепак, во музичката индустрија речиси неизбежни се несогласувањата кои најчесто вклучуваат и судија, па така имотот на Принс поднесе тужба за прекршување на договор за доверливост против Боксил и го спречи објавувањето на албумот. Како причина за сето тоа се наведува фактот што во февруари годинава, имотот на Принс склучил договор со компанијата „Јуниврзал мјузик“, давајќи ѝ ексклузивно право на објавување материјали од музичарот. Сепак, одлуката не се однесува на насловниот сингл, кој и понатаму ќе биде во продажба.



Врати се горе ↑