Балкан

29 јули, 2019

Една година без Оливер Драгојевиќ

Денеска се одбележува една година од смртта на легендарниот хрватски музичар Оливер Драгојевиќ, кој почина лани на возраст од 71 година. По тој повод ќе се организира концерт во неговата родна Вела Лука, насловен по неговиот хит „Траг у бескрају“.

Манифестацијата повторно ќе ги обедини колегите и пријателите на Оливер. Џибони, Никша Братош, Зорица Конџа се само дел од оние што ќе настапат. Меѓу присутните ќе биде и семејството на пејачот. Неговата сопруга Весна, која ретко дава интервјуа и се појавува во јавноста, за весникот „Слободна Далмација“ изјави дека и после година дена, емоциите се сè уште силни.

„Сите ќе дојдеме иако најрадо би го прескокнала. Тешко ми е, грубо ми е, сè ме потсетува на него… На овој ден попрво би се завлекла во глувчешка дупка. Но, не можам да го избегнам, луѓето го доживуваат како свој, а и беше колку што беше и наш“, вели Весна.

Инаку, уште додека беше жив, за Оливер се создаваше и филм, „ОЛИВЕРових 70“. Тоа е мала приказна за големиот музичар и неговиот последен концерт во загребската арена. Филмот беше премиерно прикажан минатиот викенд во Арената во Пула, по доделувањето на филмските награди, но Весна сè уште не го погледнала.

„Можам да гледам негови фотографии, стари спотови, сè друго… Но, кога зборува нешто приватно… Ма, нема шанси. Не знам кога ќе го погледнам филмот, го имаме дома, но никој од нас не го погледнал. Некако, во прашање е неговиот последен концерт, кога тој веќе беше болен, што никој од нас не го знаеше. И сега да го слушам како зборува… Како да знаел што ќе се случи“, вели сопругата.

Инаку, во филмот постојат никогаш невидени снимки од Оливер, како и неговите размислувања за животот, староста, музиката.

„Само се надевам дека нема да дојде ден кога ќе речам: ’Не го можам јас веќе ова…’. Не мислам поради тоа што ќе бидам спречен, туку за со емоциите да не ми се случи нешто. Затоа што, сè уште кога ќе седнам на клавир и ќе отсвирам два тона, мене ми е убаво. И постојано е така и нема ни да се менува веќе“, вели пејачот во филмот.



Врати се горе ↑