17 септември, 2013

Еди Марфи сними дует со Снуп Лајон: Слушнете ја „Red Light“

52-годишниот актер, комичар и музичар Еди Марфи се враќа на музичката сцена по цели дваесет години од издавањето на неговиот последен (петти) албум „Love’s Allright“ во 1993 година. Имено, откако во 2011 година изјави дека е „полу-пензиониран“ во однос на неговата актерска кариера, Марфи започна со работа на нов музички материјал на кој работеше во студиото во неговиот дом во Беверли Хилс, а резултат од тоа е новиот сингл насловен „Red Light“ во кој гостува познатиот рапер/реге музичар Снуп Лајон.

Песната кој е во реге стил го најавува неговиот шести студиски албум „9“, кој би требало да се појави до крајот на годинава.„Мислам дека на луѓето им се допадна новата песна бидејќи немаа никакви очекувања. Секогаш е добро кога не очекуваш ништо.“ – изјави Марфи во интервју за магазинот Ролинг Стоун. На прашањето дали новата песна е инспирирана од еден од неговите идоли – Боб Марли, познатиот комичар одговори: „Јас отсекогаш сум бил огромен фан на Марли. Боб Марли и Битлси имаат најголемо влијание врз мене и можам да ги слушам цело време. А во врска со новата песна, откако го напишав текстот сфатив дека реге музиката е најдобар избор за приказната и начинот на којшто сакав да биде раскажана.“

За соработката со Снуп Дог/Снуп Лајон, Марфи изјави дека ја следел неговата „реинкарнација“, па знаел дека одлично ќе се вклопи во неговата нова песна: „Беше совршено. Тој е Снуп Лајон, а јас имам реге песна. Беше како судено.“ раскажа познатиот комичар, додавајќи: „Направивме две песни заедно, а едната од нив е новата химна за марихуаната и е насловена „Mellow Miss Mary“. Работев на таа тема со Рик Џејмс пред неговата смрт. Ја напишав песната и многу му се допадна. Подоцна решив да ја довршам со Снуп, тој е како гувернер на ’тревата’.“

На новиот албум ќе може да се слушне од сè по нешто: „Јас сум како ’Лудиот професор’ – јас сум сите на масата!“ – објасни Марфи, кој е добро познат по играњето на повеќе ликови во еден филм, а како звучи новиот сингл можете да слушнете и видите горе.

Извор и фото: rollingstone.com

 



Врати се горе ↑