Свет

20 јули, 2019

Ед Ширан со двоен триумф на британската топ-листа

Ед Ширан има двоен повод за славење оваа недела, бидејќи уште еднаш се покажа како најслушаниот уметник во родната Велика Британија. Имено, неодамна објавениот албум со соработки „No 6. Collaborations Project“ и дуетот со американскиот колега Калид, „Beautiful People“, се најдоа на врвот на официјалната британска топ-листа за најпродавани албуми и синглови.

Интересно е тоа што „Beautiful People“ е втората песна од ова издание што го освоила првото место во Велика Британија, после инстант-хитот „I Don’t Care“, отпеан во дует со Џастин Бибер, а самиот албум е најбрзо продаваниот за оваа година. Веста ја сподели самиот музичар, споделувајќи фотографија со двете статуетки што ги доделува официјалната компанија за следење на продажбата на музичките изданија во Велика Британија (Official Charts Company).

Но, ни тоа не е сè, бидејќи освен што го освои врвот на сингл-листата, Ширан е присутен и меѓу првите пет, со „Take Me Back To London“ (со Стормзи) на 3. место и „Cross Me“ (со Ченс д Рапер и Пи-ен-Би Рок) на 4. место, а прашање на време е кога ќе им се придружат и останатите одлични соработки од овој проект.

Доколку сè уште не сте го преслушале „No 6. Collaborations Project“, тоа можете да го направите овде, а во продолжение уживајте со соработка со британската грајм-ѕвезда Стормзи„Take Me Back To London“!



Врати се горе ↑