Македонија toshe-proeski

20 септември, 2013

„Ѕвезденото небо на Тоше“ е доведено во прашање

Фановите на Тоше Проески се загрижени за организацијата на овогодинешното „Ѕвездено небо на Тоше“, кое секоја година традиционално се одржува на 5-ти октомври, денот кога Тоше го одржа својот последен концерт во неговиот прерано згаснат живот. Писмото кое пристигна од неговите верни фанови можете да го прочитате во продолжение.

„Сакаме да Ве известиме дека ние – фановите на Тоше, со поддршка од Фондацијата „Тодор Проески”, кои традиционално се трудиме да го одржуваме настанот „Биди и ти дел од ѕвезденото небо на Тоше” пропратено со крводарителна акција „Јас штотуку спасив живот, а вие?” сме соочени со низа проблеми.

На ден 25.06.2013 г. поднесовме барање до Град Скопје, со цел да ни дадат одобрување за да го одржиме настанот на 05.10.2013 г. на Плоштад Македонија. За жал, до ден денес немаме добиено конечен одговор и сè уште сме во исчекување. Во меѓувреме сме информирани дека на тој датум ќе се одржува друг настан „Бела ноќ”. 

Заради тоа побаравме средба со градоначалникот г-дин Коце Трајановски за да добиеме конкретен одговор на нашето барање. Таа средба сè уште не се случила и пак сме оставени во исчекување. Ние сме многу изреволтирани, бидејќи кон нас се однесуваат крајно несериозно и непрофесионално.

Истовремено се обидовме да го замолиме организаторот на „Бели ноќи” доколку може да го помести настанот еден ден порано, бидејќи нам ни е важно настанот да се одржува секоја година на ист датум и локација, меѓутоа не наидовме на разбирање од негова страна.

Овој настан за нас е од големо значење, бидејќи нашиот идол на неговиот последен концерт остави аманет да не види следната година на истиот датум во што поголем број. Заради тоа, овој настан сакаме да остане традиција, а масовната посетеност изминативе години покажува дека народот не поддржува во тоа. 

Заради проблемите со кои се соочуваме, ние сме приморани да бараме нова локација, со која би го деградирале значењето и големината на Тоше, или крајно да се откажеме. Бараме медиумска поддршка, бидејќи вие сте глас кој институциите не можат да го игнорираат, како што не игнорираат нас.

И покрај сè, ние се надеваме дека овие проблеми ќе бидат надминати и нема да се повторат во иднина. Ова го работиме со голема љубов и посветеност, а крајна цел ни е одржување на споменот на нашата најголема музичка ѕвезда и запознавање на помладите генерации со ликот и делото на Тоше Проески.

Со почит,
Фановите на Тоше Проески
18.09.2013, Скопје“



Врати се горе ↑