Македонија 10845987_981322808563626_2251523174224628544_n

19 мај, 2015

„Џун“ на „Сигет 2015“!

Скопскиот инди состав „Џун“ (June) на 12 август ќе настапи на „Јуроп сцената“ (Europe stage) на еден од најголемите светски фестивали, „Сигет“ (Sziget) во Будимпешта.

Роби Вилијамс (Robbie Williams), Авичи (Avicii), „Флоренс енд д машин“ (Florence and the machine), „Касабиан“, „Лимп бизкит“ (Limp Bizkit) се само дел од неколкуте стотици артисти кои годинава ќе настапат на островот Обуда во унгарската престолнина. „Сигет“ ќе се оддржи по 22. пат, а како и претходните неколку, така и оваа година се очекуваат околу 400.000 посетители од повеќе од 70 земји.

Нашиот бенд се најде во музичката понуда на „Сигет“ преку Програмата за размена на таленти од Централна и Источна Европа (CEETEP). Дел од критериумите по кои се бираат бендовите за „Јуроп сцената“ се креативниот потенцијал, свежината и мултикултурниот елемент во нивното творештво.

Претставувањето на нивната музика на „Сигет“ е прва пригода за „Џун“ да се покажат на сериозно голема сцена, предизвик кој доаѓа веднаш по победата на натпреварот „Конверс рабер трекс“ (Converse rubber tracks).

„Џун“ беше еден од 4-те македонски неафирмирани бендови кои на натпреварот во конкуренција од преку 100 млади артисти и групи од регионот ја добија главната награда – бесплатно снимање во култното „Студио М“ во Нови Сад. „Џун“, „Клауд таун“ (Clowd Town), „Визија“ од Скопје и „Кепурдат“ (Këpurdhat) од Тетово добија можност да работат во професионални услови под будното око на искусни продуценти од Бруклин и Србија.

Додека траат подготовките за настапот на „Сигет“ и го чекаме производот на „Џун“ од снимањето во Нови Сад, нивната музика проверете ја на:

Sound cloud
YouTube
Facebook
Официјален сајт



Врати се горе ↑