Видео

5 декември, 2017

Џорџа Смит е изборот на британската критика за 2018

Изборот на критиката (Critic’s choice award) е една од најзначајните британски музички награди, која оди во рацете на нови и надежни музичари за кои се смета дека ќе постигнат најголем успех во текот на наредната година. Доказ за тоа се и претходните добитници на ова признание, меѓу кои и Сем Смит, Адел, Ели Гоулдинг, Џеси Џеј, како и минатогодишниот добитник „Рег-ен-боун мен“, чиј деби-албум е вторниот најбрзо продаван за годинава, a на наше огромно задоволство, в година ќе го слушаме и во Скопје.

 

Како уметница со најголем потенцијал за успех во следната година, британската критика ја одбра нео-соул пејачката Џорџа Смит (Jorja Smith), која веќе гостуваше во две песни на канадската суперѕвезда Дрејк, а зад себе го има и клупскиот хит On My Mind, во соработка со грајм-продуцентот Предита (Preditah). Нејзините соло-синглови „Beautiful Little Fools“, „Teenage Fantasy“ и „Where Did I Go?“ заработија милионски прегледи и преслушувања на музичките сервиси.

 

За ова признание годинава беше номинирана и раперката Стефлон Дон, која веќе има топ 10 хит со Hurtin’ Me“, како и соул-пејачката и ќерка на Нене Чери, Мејбл, чиј хит Finders Keepers исто така си обезбеди место меѓу најдобрите десет на британската листа. Интересно е тоа што годинава сите пет номинирани уметници беа девојки, што е вистинско освежување ако се има предвид дека изминатите пет години победуваа само момци.

Наградата за изборот на критиката е дел од британските музички награди, или БРИТ наградите, кои обично се доделуваат на почетокот на наредната година, така што 38. по ред доделување на тн. британски Греми ќе се одржи на 21 февруари 2018. Како и секогаш, манифестацијата ќе биде пренесувана во живо и на Јутјуб, а номинациите ќе бидат соопштени во јануари.



Врати се горе ↑