Свет

22 февруари, 2017

Џорџ Мајкл планирал големо враќање на сцената, вели Најл Роџерс

На 25 декември минатата година одекна веста дека Џорџ Мајкл бил пронајден мртов. Последното што го слушнавме од познатиот британски пејач беше неговиот шести студиски албум „Symphonica“, објавен во 2014 година, но малкумина знаеја дека ѕвездата се подготвуваше за спектакуларно враќање на сцената. Токму тоа го открива еден од неговите последни соработници, „Шик“ легендата Најл Роџерс.

Имено, музичарот го посетил Мајкл само два дена пред неговата смрт. „Само што започнав да соработувам со Џорџ. Бев кај него на 23 декември за да му ја пуштам демо снимката на која работев, а истата вечер имав и концерт со ’Шик’“, открива Роџерс, додавајќи дека Мајкл работел и на филм за неговото враќање на сцената. „Затоа и ме повикаа да дојдам кај него, за снимањето на филмот, па не ни стигнав да му ја пуштам снимката, а сакав тој да ја чуе прв. Не дека имам нешто против дискографските компании, но тој беше вистински гениј и сам си ги продуцираше сите песни.“

Наредниот ден Мајкл му пратил порака на Најл за да се сретнат следниот ден. „Наместо средба, следниот ден добив известување дека е мртов…“, заклучи тој.

После смртта на Џорџ Мајкл, неговите албуми и синглови повторно се вратија на топ листите, а реиздание на неговиот албум „Listen Without Prejudice Vol. 1“ ќе биде објавено на 19 мај. Имајќи предвид дека музичарите често имаат огромна архива на необјавени материјали, во иднина би можеле да очекуваме и некое постхумно издание, каков што е случајот со Мајкл Џексон, Елвис Пресли и многу други прерано починати музички икони.



Врати се горе ↑