Балкан

22 јануари, 2018

„Џон Вејн“ е на вистинската „Стаза“

Српскиот пауер-поп состав „Џон Вејн“ штотуку го објави својот нов видео-сингл за песната „Стаза (тамо сам где треба)“, втор од албумот „Трачак светла“, кој белградската куќа „Тејк ит ор лив ит рекордс“ (Take It Or Leave It Records) го објави пред година дена.

Видеото е снимено во нивниот роден град Крушевац, а покрај членовите на бендот се појавува и сензуалната Драгана Петковиќ. За камерата задолжен бил Дејан Јовановиќ, режијата и монтажата се дело на фронтменот и главен автор на бендот, Миљан Марковиќ, сето тоа под будното око на Данди Нешиќ и неговата продукциска куќа „Скриминг колорс“ (Screaming Colors).

 

„Во време на задници и гради што нè демнат од секаде, неписмени политичари со усти полни бенефити, дистанци и неизбежна транспарентност, не толку талентирани актери што би сакале нешто паметно да кажат, преку прославени борци за правда преку Твитер, Инстаграм и Фејсбук, ја снимивме песната ’Стаза’ со ситни букви ’таму сум каде што треба’. По некое време, никој од нас сигурно не е таму каде што треба, но понекогаш ќе се зафркнеме и ќе поверуваме дека сме. Токму тоа, всушност“, изјави Миљан за новата песна.

„Текстуално, музички, ’Стаза’ е љубовна песна, што е убаво и инспиративно. Сите во некој момент ќе поверуваме дека сме таму каде што треба, дека местото ни е тука и тука, покрај тоа и тоа. Во најголемиот број случаи, тоа чувтство многу често е замислено, а тогаш ќе се најде некој доволно глупав и да напише песна за тоа. По обичај, во претходните месеци нè следеа неволји. Очекувано, глувците побегнаа од бродот. Недоволно добрите беа заменети и фрлени на ајкулите, а ние, и покрај сè, го снимивме најдобриот спот досега, според нашето мислење, за најдобрата и, веројатно, најискрената песна од албумот“, дополни Марковиќ.

Дејан Станковиќ, пак, се надоврза дека „’Стаза’ некако тивко и без фанфари се истакна меѓу останатите теми на албумот, како песна со посебна атмосфера и интересен текст кој, иако делува романтично, не го оптеретува слушателот со патетика. Куса интимна приказна, преполна со убави слики во кои се надевам ќе се пронајдат многумина во публиката“.

 



Врати се горе ↑