Концерт Untitled

28 февруари, 2013

Џез работилница на ФМУ

Од 25-ти февруари до 1-ви март на Факултетот за музичка уметност во Скопје се одржува џез работилница со Анѓелко Ступар – удирачки инструменти и Матјаш Гајер – пијано од Грац, Австрија. Работилницата е главно наменета за студентите од студиската програма за популарни жанрови, но и за сите останати заинтересирани студенти.

Анѓелко Ступар е роден во Зрењанин, Србија. Ги завршил студиите на Универзитетот за уметности  во Грац, каде живее и ден денес работи како активен професионален музичар. Соработувал со познати светски имиња како Душко Гојковиќ, Стјепко Гут, Фриц Пауер, Карл Рацер, Игор Ламперт, Даниел Несих, Клаус Ребл, Ед Ноемајстер, Дон Менза, Клаудио Фасоли, Вања Кевресан, Милан Николиќ и многу други.

Пијанистот Матјаш Гајер почнал да учи џез уште на 10-годишна возраст, под влијание на музиката на Кит Џерет, Брад Мелдау, Винтон Кели, Џон Колтрејн и  Мајкл Брекер. Настапувал во различни формации низ Унгарија, Велика Британија, Франција, Хрватска, Чешка, Словачка и Австрија. Добитник е на неколку награди од кои најзначајни се: наградата-стипендија за студии на Музичката школа Беркли во Бостон (2009) доделена од Фестивалот во Перуџа (Италија), Прва награда на Jazz Piano Talent Competition во Будимпешта (2011), Втора награда  на International Jazz Piano Competition во Фрајбург (2012) и други. Активно се занимава и со педагогија.

Работилницата ќе се заокружи со јавен настап на 1-ви март 2013 година (петок) на Факултетот за музичка уметнoст – Скопје, со почеток во 13 часот.



Врати се горе ↑