Свет

26 декември, 2017

Џесика Маубој ќе ја претставува Австралија на „Евровизија 2018“

Откако се финализираше списокот со учесници за следното издание на „Евровизија“, кое в година ќе се одржи во португалскиот главен град Лисабон, земјите полека го откриваат својот избор на песни и/или изведувачи што ќе ги веат нивните знамиња на популарниот фестивал. Една од нив е и најновата членка на евровизиското семејство, далечната Австралија, која се придружи во натпреварот во 2015 година, а на сето тоа му претходеше настап во ревијалниот дел од втората полуфинална вечер во 2014 година.

Тогаш, во данската престолнина Копенхаген, евровизиската публика за првпат се запозна со една од најголемите австралиски ѕвезди, Џесика Маубој. Токму затоа, воопшто не треба да нè изненади фактот што земјата на кенгурите одлучи следната година повторно да ја прати на евровизиската сцена, овој пат како официјална натпреварувачка.

 

28-годишната пејачка и актерка, која по татко има потекло од Индонезија, а по мајка е домородна Австралијанка, односно Абориџинка, се прослави со учеството во четвртата сезона на „Австралиски идол“ во 2006 година, освојувајќи го второто место и потпишувајќи договор со „Сони мјузик“. После кусото членување во групата „Јанг дивас“, пејачката ја започна успешната соло-кариера со првенчето „Been Waiting“ (2008), по кое следеа и изданијата „Get ‘Em Girls“(2010) и „Beautiful“ (2013).

За голем дел од нејзините хитови соработувала со колеги како што се Фло Рајда, Лудакрис и Шон Кингстон, Снуп Дог, а тука се и соло-сингловите: „Been Waiting“, „Burn“, „Up/Down“, „This Ain’t Love“, „Fallin’“, „Diamonds“ и многу други. Зад себе има повеќе награди и признанија, меѓу кои 2 награди АРИА (австралиски Греми) и две од Ем-ти-ви.

 

Како и во изминатите години, претставникот на Австралија интерно го одбира националиот сервис Ес-Би-Ес, а песната со која Џесика ќе се натпреварува во Лисабон ќе биде објавена подоцна. Имајќи го предвид досегашниот успех на фестивалот, од Австралија повторно ќе се очекува многу, а се чини дека Џесика ќе ја оправда довербата.

Инаку, Ес-би-ес започна да го емитува фестивалот во 1983 година, а сè поголемиот интерес на публиката придонесе за обиди за официјално приклучување во натпреварот. Како што споменавме, првото ревијално појавување беше во 2014, а од 2015 година Австралија е рамноправен натпреварувач со останатите земји од Европа. Најдобриот пласман досега го имаше минатата година, кога Дами Им го освои 2. место со „Sound Of Silence“, а најлош (ако може да се каже така) беше годинашниот пласман на Ајзеја Фајрбрејс, кој го освои 9. место во финалето.

 

Освен Автралија, досега се познати претставниците на само шест земји, меѓу кои нашиот сосед Албанија, чии бои ќе ги брани Еуген Бушпепа, Австрија ќе ја претставува Цезар Сампсон, Азербејџан ќе ја прати Ајсел, а Белгија – Лора Гроеснекен, но дефинитивно најголема возбуда предизвика претставничката на Финска. Имено, 30-годишната Сара Алто доста се прослави надвор од својата земја благодарение на учеството во популарниот британски „Х фактор“, каде што минатата година заврши на 2. место. Со откачените костими и настапи, Сара дефинитивно ќе биде една од најзабавните учесници в година, а со каква песна ќе ги брани боите на Финска ќе дознаеме во март.

Што се однесува на Македонија, иако се прошири веста дека ќе нè претставува битолчанката Анета Мицевска од „Молика“, сè уште нема никакво официјално соопштение од МРТ, па се надеваме дека сите детали ќе ги дознаеме наскоро.

И.Ј.



Врати се горе ↑