Аудио

28 декември, 2018

Џеси Џеј има одличен празничен албум

Празничната сезона е веќе во полн ек, а музиката е одличен начин дополнително да се подобри расположението и да се загрее атмосферата за време на прославите. За тоа редовно се грижат бројни музички ѕвезди ширум светот, создавајќи сосема нови песни или препејувајќи ги добрите стари класици. Една од нив годинава е и британската ѕвезда Џеси Џеј, која својот петти студиски албум одлучи да му го посвети токму на овој период од годината.

Објавен во октомври, албумот насловен This Christmas Day содржи вкупно 11 теми, од кои десет се преработки на веќе познати песни, а оригинална е само насловната, која 30-годишната пејачка ја напиша заедно со американскиот продуцент Родни Џеркинс (Даркчајлд).

 

Меѓу соработниците за ова издание се и американските хитмејкери Џими Џем и Тери Луис, како и Бејбифејс, со кого Џеси ја отпеа и легендарната „The Christmas Song“, а најголемиот дел го продуцираше канадскиот продуцент Дејвид Фостер. Покрај Бејбифејс, на албумот гостува и една од најпопуларните ар-ен-би групи од деведесеттите – „Бојз-ту-мен“ (Boyz II Mеn), чии вокали се слушаат во „Winter Wonderland“.

Освен насловната тема, на нејзиниот канал на Јутјуб се објавени и „Santa Claus Is Coming To Town“ и „Silent Night“, божиќниот евергрин кој годинава го одбележа својот 200. роденден. Секоја од песните е претставена со анимирано текстуално видео, а како изгледа и звучи сето тоа дознајте во продолжение. Уживајте!

 



Врати се горе ↑